Во камерната сала на Македонската филхармонија, на 19 февруари во 20 часот, во организација на Фејмс Институтот, ќе се одржи уникатен музички спектакл насловен „Дијалози со Џанго Рајнхарт“ кој ќе ја спои магијата на џипси музиката со модерниот оркестарски израз.
Под диригентската палка на реномираниот диригент Тимоти Редмонд, концертот ќе понуди богата програма која опфаќа ралични музички жанрови, а е инспирирана од џипси музиката. На програмата на концертот ќе бидат изведени дела од Лист, Бизе, Брамс, Барток, Штраус, како и современи дела инспирирани од џипси музиката. Специјален акцент ќе биде ставен на композициите кој ќе ги изведе виолинистот Федерико Натан, кој ќе настапи како солист, заедно со гитаристот Жереми Шакр и музичарите Јакопо Мезаноти, Иван Бејков и Филип Динев.
Програмата вклучува класични ремек-дела како „Втората унгарска рапсодија“ на Лист, избор од „Кармен“ свитата на Бизе и „Романските танци“ на Барток, но и модерни аранжмани на делата на Џанго Рајнхарт. Публиката ќе има можност и премиерно да ги слушне композициите на Ф. Натан, како „Stephane“ и „Escaping Silence“, кои претставуваат спој на виртуозност и емотивна длабочина.
Џипси музиката е уникатна поради нејзината динамичност, импровизација и емоционална интензивност, што ја прави живописна и исполнета со страст. Во спој со класичен оркестар, оваа музика добива нова димензија каде доминираат слободната и експресивна природа сепак ставена во рамка на оркестарски звук. Овој контраст создава возбудлива синергија која им овозможува на музичарите да се изразат на иновативен начин, истовремено почитувајќи ги традиционалните елементи на класичната музика.
Тимоти Редмонд, познат по својата енергична интерпретација и модерниот пристап кон класичната музика, е чест гостин на најпрестижните светски сцени. Солистите Федерико Натан, Жереми Шакр, Јакопо Мезаноти, Иван Бејков и Филип Динев, со својата иновативност и уникатни интерпретации, ветуваат незаборавно искуство за љубителите на музиката на овој единствен и ексклузивен настан, кој за првпат ќе се одржи во нашата земја.
Овој настан претставува завршница на истоимената едукативна работилница за млади талентирани музичари од Европа, кои под водство на врвни ментори во рамки на Институтот „Фејмс“ ќе работат на истражување и интерпретација на џипси музиката ставена во различен контекст и време. Работилницата, која ги обединува традицијата и современите музички изрази, има за цел да инспирира и едуцира идни генерации музичари. „Преку овој проект сакаме да ја зачуваме музичката традиција и истовремено да ја доближиме до современата публика. Музиката има моќ да ги премостува времето и културните бариери,“ велат од институтот.
Дел од оркестарот се и младите студенти од Европа, кои учествуваат во оваа едукативна програма, што го прави настанот уште поуникатен и значаен, бидејќи ги обединува идните генерации музичари со врвни уметници. Спојот на овие два света не само што ги збогатува музичките искуства, туку и привлекува различни слушатели, создавајќи уникатно и незаборавно концертно доживување.