Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев утрово упати повик до македонската дијаспора, освен патниот лист кој е бесплатен, имаат можност да ги искористат и базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија.
Проектот за поднесување барања за издавање на патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва е отпочнат 01.10.2021 година и до 09.02.2024 година вкупно 47.726 граѓани ја имаат искористено оваа можност да извадат патна исправа преку ДКП-та.
Моментално барања за издавање на патни исправи се поднесува во вкупно 25 дипломатски преставништа и тоа: Љубљана, Лондон, Берн, Берлин, Бон, Минхен, Виена, Њујорк, Чикаго, Венеција, Рим, Малта, Стокхолм, Копенхаген, Пекинг, Малме, Абу Даби, Осло, Брисел, Хаг, Париз, Торонто, Детроит, Мелбурн и Канбера.
-Целокупниот процес – од поднесување на барање до изготвување на патните исправи трае од 15 до 30 дена, што е сериозно кратење на времетраењето на процедурите, ако се земе предвид дека досегашната постапка траеше од четири до пет месеци, со големи трошоци за граѓаните.
Оваа иницијатива е на поранешниот министер Oliver Spasovski и раководството на МВР од 2018 година, со инвестиција од 150.000 евра, а истата финишираше на крајот од 2021 година, решавајќи го деценискиот проблем што го имаше нашата дијаспора, стои во апелот на Бојмацалиев.
Решението за кризата со пасошите, според шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, е земјава да набави повеќе машини за произведување пасоши и нивна дистрибуција до дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство и набавка на повеќе обрасци. За ова, како што кажа, разговарал и со грчката амбасадорка во земјава.
За тоа до кога очекува земјите од Европската Унија да ги толерираат пасошите со старото уставно име, Османи вели дека грчката страна очекува тоа да биде краток период.