Дијаспората во акција, расте интересот за самопопишување

од Берта Китинска
223 прегледи

Се повеќе расте интересот на иселениците за самопопишување преку електронска апликација. Минатиов викенд се попишаа над 20 илјади иселеници, а вкупниот број на попишани наши граѓани во странство засега надмина 121 илјада.

„Поголем одзив има во Швајцарија,  Германија и Италија, а помал во САД, и Австралија. Сите обиди за потикнување на бојкот и разни иницијативи „не отварам врата“ и слично тоа се постапки кои треба да се занимава некој друг. Во законот прецизно е наведено што значи попречување и потикнување на бојкот и потикнување да не се учествува во пописот. Но сигурни сме дека кај населението ќе преовлада здравиот разум и чуството за потребност и итност да се спроведе пописот и да се добијат овие неопходни податоци“, истакна Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.

Учеството во пописот е задолжително, кривично се одговара само за поттикнување на бојкот на статистичката операција, а против тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, за што казните се до 300 евра. Доколку попишувачот на точната адреса не најде никој од семејството дома, тој има обврска да остави белешка, кога повторно ќе дојде на таа адреса, а тоа може да се случи и три или четири пати.

Пописот почна на 1 март со дијаспората. Во оваа фаза се попишуваа дипломатите и нивните семејства кои живеат надвор од земјата, лицата во казнено-поправните установи и во воспитно-поправните установи, припадниците на Армијата на РСМ и бездомните лица. Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април годинава, а критичниот момент за оваа статистичка операција ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април.

 

 

 

Слични содржини