Откако ЕУ реши да ги раздвои Македонија и Албанија, односно нашиот западен сосед да ги продолжи преговорите за членство, а Македонија да остане во чекалната, премиерот Христијан Мицкоски се премисли, па наместо диктат од Бугарија, сега смета дека се работи за диктат од ЕУ.
„За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го реков и во Брисел – не, благодарам. Тоа не се европските вредности во кои мојата генерација се вљуби, а тоа се оние вредности, кои ги дефинирале Аденауер, Дегаспери и Шуман и затоа ја споделив идејата, ајде да разговараме, немојте со диктат, не нѐ условувајте со диктат. Јас сакам да разговараме колку е потребно да најдеме решение, очигледно сега немаме решение, посочи Мицкоски коментирајќи го одвојувањето.
Мицкоски упати честитки до Албанија, а до македонските граѓани упати порака дека продолжувањето на процесот на интеграција во ЕУ немало да донесе, како што тој кажа „мед и млеко по македонските улици“.
„Ако мислите дека со почнувањето на преговорите, мед и млеко ќе тече на улиците и парите од Брисел ќе почнат да врнат, се лажете – истакна Мицкоски.
Инаку, претходно, Мицкоски како лидер на опозицијата често зборуваше дека Преговарачката рамка и уставните измени биле бугарски диктат (термин што често го употребуваше) но по последната одлука на Брисел, тој почна да зборува за европски диктат.