Дилеми кои деца може да посетуваат градинка: „Оние кои задоцниле со првите 3 дози и ги примиле подоцна треба да посетуваат, ако поминало 6 месеци од третата доза да примат ревакцина“

од Nikola Popovski
424 прегледи

Невакцинираните деца не се примаат во градинка. ДСЗИ ги проверува документациите, вакциналните картони и потврдите во градинките. Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи седница, а според она што вчера го најави министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири ќе биде појасно дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер, важи за оние кои не се вакцинирани или и за оние кои не ја примиле ревакцината. Оние што сега ја примаат третата вакцина на ДиТеПер во пунктовите ги задолжуваат за шест месеци да ја примат и четвртата, односно ревакцината која се дава на 18-месечна возраст. Родителите стравуваат, иако лекарите смируваат не постои простор за паника. Министерот даде изјава дека целосно вакцинирано дете се смета она кое има примено три дози ДиТеПер, а пак според кажувањата на градинките, истите добиле одлука од неговото министерство дека мора да има и ревакцини согласно возраста. Останува прашањето дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер, треба да важи за оние кои не се вакцинирани или и за оние кои не ја примиле ревакцината?

Според микробиологот и поранешен директор на Фондот за здравство, д-р Никола Пановски се работи за недоразбирање. Очигледно е напишано упатство кое не кореспондира со реалноста, вели докторот за „Локално“.

Д-р Никола Пановски

-Очекувам дека на денешната седница ќе биде издадено упатство кое ќе дозволи на сите деца вакцинирани со три дози да посетуваат градинка, односно да се сметаат за целосно вакцинирани. Целосно вакцинирано е дете кое ги примило сите дози согласно календарот за вакцинација, според возраста. Значи дете на возраст од 6 месеци до 18 месеци е целосно вакцинирано ако примило 3 дози, посочува Пановски.

Истакнува дека децата кои задоцниле со првите 3 дози и ги примиле подоцна треба да одат во градинка и ако поминало 6 месеци од третата доза да примат ревакцина.

-Тоа е мое мислење, се надевам таква ќе биде и одлуката на Комисијата, истакнува микробиологот.

Инспекциските надзори кои стапија на сила во градинките открија голем број невакцинирани деца во главниот град, каде е прогласена и епидемија на голема кашлица. Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис. Во главниот град има е најголем број заболени и меѓу децата, но има и возрасни. Во внатрешноста на земјата ситуацијата е поинаква. Над 95 отсто од децата се вакцинирани, вели директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат, Рената Младеновска. Под инспекциски надзор се и приватните градинки.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица. Најголем дел од случаите се во Скопје – 43, а пријавени се и три случаи во Тетово и по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години.

– Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, со инциденца од 9,4/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 151 или 87,3 отсто во дванаесет различни општини, појаснуваат од ИЈЗ.

ДиТеПер е комбинирана вакцина која штити од бактерии предизвикувачи на три различни болести – дифтерија, тетанус и пертусис (голема кашлица). Вакцина и ревакцина се става на 2,4,6 и 18 месеци и на 7 години.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.

Н.П.

Слични содржини