Димитриеска-Кочоска: Буџетот за 2025 година и Реформската агенда во фокусот на Владата

од Илинка Илиоска
132 прегледи

Министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска, истакна дека Владата активно работи на спроведување на реформите, со цел да се постигне забрзан економски раст. Таа појасни дека, покрај Реформската агенда која е утврдена со Европската комисија (ЕК), во Програмата за работа за периодот 2024-2028 година се предвидени бројни активности кои ќе доведат до значајни промени во земјата, создавајќи основа за подобро утре.

„Како Влада сме посветени најмногу на реализацијата на инвестициите затоа што носат економски раст. Наш приоритет е и борбата со криминалот и корупцијата,“ изјави министерката за финансии.

Таа исто така го нагласи значењето на Буџетот за 2025 година како еден од клучните документи што ги отсликуваат политиките на Владата, а кој е веќе подготвен и доставен во собраниска процедура.

Во текот на средбите во Брисел со претставници на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), беше нагласено дека напредокот во спроведувањето на реформите и зајакнувањето на административните капацитети ќе овозможи поголем пристап до средства од фондовите на Европската унија и ќе ја зголеми можноста за привлечување повеќе инвестиции.

Министерката учествуваше и на конференцијата „Гласови, избори и лидерство: Пресвртна точка за Европа?“ организирана од тинк-тенкот „Пријатели на Европа“, каде што беше говорник на панелот насловен „Проширување на Европа: По која цена и со каква структура?“ Претходно, таа се сретна и со претставници на Европската народна партија (ЕПП).

Слични содржини