Една банка прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија, соопшти вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за 360 степени. Притоа таа не откри дали станува збор за една од трите најголеми банки во земјата.
Димитриеска-Кочоска посочи дека на неколкуте состаноци досега банките генерално се изјасниле против ваквата идеја. Сепак, посочи, од една банка, на посебен состанок со премиерот Христијан Мицкоски, се согласиле со иницијативата на владата за покривање на дел од трошоците за кредитите наменети за бизнисот. Најави дека деталите ќе се договорат на следниот состанок со Mакедонската банкарска асоцијација што ќе се одржи во недела, а на кој ќе присуствува и премиерот.
На прашање зошто досега не успеале да се договорат со банките, таа одговори дека чекале да се префрлат парите.
-Чекавме да се префрлат парите, да легнат на сметки и да видиме како ќе ги префрлиме кон Развојната банка. Притоа, зборувавме дека каматната стапка е 3,25 проценти и таа ќе остане. Целта на владата е каматната стапка да биде таа по која сме го земале кредитот. Тука имавме дискусија, дали банките, на некој начин, ќе учествуваат во субвенционирање на каматната стапка, иако сакам да кажам дека досега од 2011 година па наваму, повлечени се повеќе од 650 милиони евра по различни кредитни линии, за кои каматната стапка ја субвенционирала државата, рече Димитриеска-Кочоска.
На прашањето дали сите пари може да одат преку една банка ако останатите не прифатат, министерката вели дека во тој случај не би имало ништо спорно, но преферираат поголема вклученост на банкарскиот сектор.
Во однос на еднократните провизии и другите услови на банките, Димитиреска-Кочоска посочи дека Владата сака сè да влезе во рамки на каматната стапка од 3,25 проценти.