Димитриевски: Административците во Куманово волонтерски ќе доставуваат кислородни боци

од Andreja Salpe
331 прегледи

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска беше во посета на Општата болница по повод 7 април – Светскиот ден на здравјето.

Во изјава за медиумите, од негово лично име и во име на граѓаните на оваа општина им го честита денот на здравствените работници, им посака што помалку работа и се заблагодари за сето она што го даваат од себе првично како граѓани и луѓе, а потоа и како професионалци во овие тешки моменти на епидемијата.

,,Оддавам целосно признание за нивната работа. Сакам да истакнам дека соработката на Општина Куманово и Општата болница Куманово е на високо ниво. Во изминатиот период се соочуваме со една незапомнета криза и сите заедно учествуваме во тоа. Успеавме да реализираме поголем број на заеднички проекти и еден од тие е модуларната ковид болница. Се надевам дека што побрзо ќе успееме да направиме и целосна гасификација на болницата, бидејќи ЈП Куманово Гас веќе постави пункт за испорака на гас во болницата”, истакна Димитриевски.

Димитриевски информираше дека по одлука на општинскиот штаб за заштита и спасување, вработени од општинската администрација и јавните претпријатија ќе учествуваат и ќе волонтираат во делот на дистрибуцијата на оксигенски боци во одредени периоди од денот кога е потребно во болницата, се со цел да се даде дополнителна сила и можност здравствените работници дополнително да се ангажираат на други места.

,,Во оваа прилика, даваме  и една скромна донација од страна на општината до болницата. Тоа се заштитни одела и заштитни визири коишто ќе се користат во делот на лекување на пациентите заболени од вирусот Ковид-19. Апелирам до сите наши сограѓани да ги почитуваат мерките, бидејќи бројките од ковид епидемијата се многу сериозни во нашиот град. Особено упатувам апел до младите луѓе да се избегнува групирање, да се држи минимум дистанца, да се носат заштитни маски. Тоа е најмалку што можеме да направиме во овој момент за да им ја олесниме работата на сите здравствени работници”, рече Димитриевски.

Директорката на Општата болница д-р Снежана Захариева изјави дека градоначалникот Димитриевски за цело времетраење на пандемијата помага како шеф на кризен штаб, со донации и логистика.

,,Ќе бидам искрена, не потсети дека буквално денеска ни е празник. Му благодариме за донацијата на лична заштитна опрема, не е ни прва, верувам ни последна.” – истакна директорката Захариева

Слични содржини