Западен Балкан е вистинскиот тест за способноста на Европската Унија да се позиционира како силен глобален играч. Ова беше клучната порака на заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, во неговото обраќање на научно-стручната конференција организирана од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот универзитет во Тетово на тема: „Кон безбедна евроатлантска зона во глобализиран свет“.
Димитровски нагласи дека во време на големи геополитички тензии, предизвикани особено од војната во Украина, Европа мора да покаже единство и решителност. Според него, иднината на Европската Унија зависи од нејзината способност да одговори на заканите со јасна стратегија и доследни политики, особено кога станува збор за регионот на Западен Балкан.
„Овој регион одамна не е само периферија – туку суштински дел од европскиот безбедносен и економски простор. Политиките на ЕУ кон Западен Балкан се вистински лакмусов тест за нејзината глобална амбиција. Ако сака да биде глобален фактор, ЕУ мора да биде одлучна токму тука,“ рече Димитровски.
Тој додаде дека владеењето на правото не треба да се гледа само како формален стандард или правен принцип, туку како директен елемент на националната и колективната безбедност. Силни институции, независно судство и отчетност се неопходни во борбата со новите и софистицирани безбедносни закани.
„Ние, во Македонија, сме свесни дека има уште многу работа пред нас. Европската интеграција не ја гледаме само како крајна цел, туку како патоказ што ни помага да изградиме подобро и посилно општество,“ истакна тој.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, нагласи дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност и дека трансатлантското партнерство со САД останува клучен столб за мир и стабилност.
„Мирот и сигурноста на континентот не се подразбираат. Потребни се вложувања во одбранбените капацитети, но и во силни партнерства. Само обединета Европа може да одговори на новите предизвици,“ рече Дрекслер, најавувајќи зголемени инвестиции во безбедноста и поддршка за Украина.
Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Бен Нупнау, ја нагласи важноста на правната држава и борбата против корупцијата како темел за стабилни демократии.
„Безбедноста не се постигнува само со оружје, туку и со доверба во институциите. ЕУ активно ја поддржува Македонија преку реформи во полицијата, граничната безбедност и дигиталната отпорност. Ова се долгорочни инвестиции во една побезбедна и поправедна Европа,“ истакна Нупнау.
Конференцијата, на која учествуваа ректори, професори, експерти и претставници на граѓанското општество, има за цел да отвори простор за дијалог за тоа како безбедноста и владеењето на правото можат да се надополнуваат. Заклучокот беше јасен – во еден се позаплеткан и опасен свет, стабилноста не може да постои без силни институции и заеднички вредности.