Димитриевски: Изјавите на Пендаровски се промискуитетни, јас имам за цел да ги обединам граѓаните

од Destan Jonuzi
364 прегледи

Промискуитетни изјави кои имаат за цел да дискредитираат и да ги делат граѓаните по политичка припадност не коментирам, вака во изјава за „Локално“, градоначалникот на Куманово и предвоник на политичката иницијатива „За наша Македонија“ – Максим Димитриевски ги коментира изјавите на претседателот на државата Стево Пендаровски дека Димитриевски е поголем вмровец од вмровците, и дека се срами, како што вели Пендаровски, „што такви политички прелетачи воопшто го гласале“.

– Јас имам за цел да ги обединам граѓаните кои се длабоко поделени по сите основи особено македонците кои се згазени и се чувствуваат предадени од страна на сопствените политички репрезенти, луѓето не ги делам по политичка, верска или било каква друга основа а најмалку пак ги доживувам како глас, за мене секоја индивидуа е личност со интегритет и единствената разлика може да се направи во однос на добри и лоши, работливи и неработливи, луѓе со став и луѓе кои менуваат ставот по потреба или пак по налог како што за жал до сега многупати се потврди во случајот на нашиот Претседател на државата. Како и да е Македонија преживејала и полошо и полицемерно но никогаш не доживеала ваква рашомонијада и импровизации кои се секојдневни, сите заедно ќе го надминеме и овој феномен и повторно ќе продолжиме напред, изјави Димитриевски за „Локално“.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во „Тема на денот“ на ТВ Сител изјави дека: „Со тој човек никогаш не сме биле сопартици, јас не сум член на политичка партија. И да сум бил со тој човек во иста партија би ми било минус во животот. Има луѓе кои имаа потреба секој ден да зборуваат дека се Македонци кои зборуваат македонски јазик, други кои имаат лабави национални сознанија кои постојано повторуваат дека се Македонци“.

– Излезе дека тој е поголем вмровец од вмровците и навистина се срамам што такви политички „прелетачи“ воопшто ме гласале, кажа Пендаровски.

Д.Ј.

Слични содржини