Димитриевски: Цврсто се спротиставивме на градежниот хаос во Куманово

од Vladimir Zorba
175 прегледи

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски на 11. Седница на Советот во однос на дискусијата за изменување и дополнување на одлуката за спроведување и планирање на површини за градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централно градско подрачје во границата на градежен реон Куманово истакна дека отпочнале со етапно ставање на крај на градежниот хаос во градот.

Димитриевски, за оваа иницијатива истакна дека имал поддршка од Советниците и дека се усвоило со целосен консензус.

„Водејќи се од фактот дека добар дел од тие советници кои тогаш даваа поддршка на таквите иницијативи, се исто така советници и денеска очекував и дека една ваква поддршка повторно ќе помине со консензус и еднаш засекогаш во овој совет ќе се дефинира дали како орган на локална самоуправа ќе ги штитиме граѓанските и општите интереси или ќе ги штитиме личните интереси на поединците кои оваа работа ја работат исклучиво од профит. Немам ништо против работа на градежните компании, дури сакам да имаат работа и дополнително сме подготвени како општина и ги стимулираме. Но, имам против да се гради во градот спротивно на волја на граѓаните и на генералните заложби на општината“, рече Димитриевски.

На седницата, градоначалникот Димитриевски пред присутните советници го образложи деталниот урбанистички план за еден дел од градот, кој е опфат помеѓу „Трета МУБ“ и Гимназија „Гоце Делчев“ Куманово.

„Ова е објектот на Гимназија „Гоце Делчев“, потоа ова е улицата над гимназијата, а ова е булеварот „Трета МУБ“. Точката тука е школска амбуланта. Околу школска амбуланта, мене не ме интересира чиви се сопствени парцели, ја гледате оваа зграда во „П“ буква со катност П+П спрата плус поткровје. Па, до неа има уште две згради колективни единици, едната е П+6, другата е П+4, па на неколку метри од зградата имате три куќи семејни, кои се со катност П+1 и П+2. На главната улица, на онаа слободна парцела над школска амбуланта имаме маркица П+П+поткровје. Значи, тоа е всушност 7 спрата. Па до неа имате слободна парцела, каде вели приземје, плус 7 спрата, плус поткровје, па до неа веќе имате некој изграден објект, па до него залепено друг објект со катност П+9+поткровје. Како ќе работи тој здравствен објект и кој паметен дал согласност за таква работа? И сега што треба од позиција на градоначалник да дозволам ова да се реализира? Најодговорно тврдам без разлика дали ќе даде согласност советот или нема да даде. Ќе ги употребам сите свои надлежности и можности да спречам вакво нешто да се случува во Куманово“, потенцираше Димитриевски.

Тој испрати порака до сите емисари и на сите големи бизнисмени кои му испраќале различни пораки во однос на урбанистичкиот хаос за градба.

„Сакам од тука да им испратам порака и на тие емисари и на сите тие големи бизнисмени кои ми испраќаа различни пораки последните 7 дена и на мир не ме оставија, ни мене, а и дел од советниците. Не дојдов на оваа позиција да правам пазари, калкулации, математики во делот на вашите инвестиции. Немојте, не можете да ме купите. Само ќе побарам од вас едно, пред да влезете во каква било инвестиција собирајте се,
консолидирајте се како потенцијални инвеститори му требате на овој град. Дојдете, со конкретни решавања на цели и парцијални урбани блокови. Јас не сакам да ја спречам градбата, но мора да дојдеме во ситуација да се направи ред во градбата. Овој совет во иднина ќе се соочи со поголем број на одлуки кои се согласно законот, кадешто во решавање на урбаните средини на градот, особено на семејното домување самиот планер на инвеститорот, иницијаторот на инвестицијата ќе мора да го реши архитектонското решение и да даде детален приказ на самата инвестиција во делот на решавање на целиот опфат помеѓу четирите сообраќајници во комплексот каде се наоѓаат потенцијалните инвестиции. Само на тој начин на долгорочен план првично ќе ги заштитиме интересите на граѓаните за хумано живеење во овој град, а потоа и интересите на општината за развој на соодветна инфраструктура“, посочи Димитриевски.

„Со 17 гласа За, 15 Против и 1 воздржан, констатирам дека е усвоена Предлог одлука за изменување и дополнување на одлука за спроведување и планирање на површини за градење со намена а2 на парцели лоцирани вон централно градско подрачје во граница на градежен реон на Град Куманово”, констатираше Претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска.

Слични содржини