Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, на вечерашната свечена седница по повод 78 години од ослободувањето на Куманово истакна дека во Општина Куманово нема поделби по ниту еден основ туку напротив, во Куманово има место за сите, и за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, Црногорци, Хрвати, Бугари и сите други заедници кои се почитуваат и си помагаат меѓусебно.
Тој потенцираше дека единствено она што се бара во Куманово е взаемно почитување, уважување и признавање, бидејќи ако сакате некој да ве почитува првенствено треба да го почитувате.
„Во Куманово нема поделба ниту по партиска, ниту по каква била друга припадност, затоа што за интересите на граѓаните ние мораме да сме сложни и да работиме заедно без разлика на нашите различни, политички и општи убедувања. Наша должност е да го подобриме квалитетот на живот на кумановци, а тоа ќе го направиме единствено доколку заеднички конструктивно дискутираме, дебатираме и носиме проекти во нивен интерес, па по можност и со консензус. Вака треба да функционира една општина која првенствено припаѓа на граѓаните, а не на политиката“ порачува Димитриевски.