Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ ја игра можеби својата најдобра сезона. Едноставно блеска во дресот на Уникс и во македонската репрезентација.
Како што е познато минатото лето имаше гласини дека белградски Партизан го сака Димитријевиќ, но нашиот кошаркар за српските медиуми вели дека немал никаков контакт досега со српскиот тим на кој е фан од дете.
„Никој од Партизан директно не ме контактирал. Слушнав дека не се премногу заинтересирани за мене. Имаше и некои други понуди, но не конкретни. Уникс покажаа огромна желба за мене. И како човек и како играч, морам да ја почитувам и финансиската понуда која ја имав и спортската улога која ми ја даде клубот. едноставно, играч сака да се почувствува дека е почитуван, јас во Уникс чувствувам дека сум почитуван“, вели Димитријевиќ.
Популарниот Нено одигра две фантастични партии за Македонија против Естонија и Полска, покажа дека е вистински лидер и репрезентацијата со него во составот е поинаква приказна.
„Сакаме да се квалификуваме на големо натпреварување. Немавме среќа против Естонија, но против Полска покажавме квалитет и мислам дека можеме да направиме нешто убаво за нашата земја. Тоа би било значајно и за помладите генерација да нѐ видат дека правиме нешто големо како што е пласман на Европско првенство“.