„Александар Јорданов, поранешен амбасадор на Бугарија: “Денешниот македонски идентитет во оваа смисла е политички “зап’рт’к” (бугарски) т.е. нешто неразвиено, недоизведено, неуспешно уште во зародиш“ (извор Дојче Веле). Ова е ужасен говор на омраза инспириран од антиевропската амбиција, амбиција од некој друг век, да се оспори посебноста на еден европски народ. Да си даде човек, а уште пострашно, политика на една цела држава, право да зборува за други луѓе, во друга држава, кои се и какви се, од кога се, е антиевропски, антицивилизациски, непристојно и бедно“ – вака остро реагираше поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров на пораките и навредите кои пристигнуваат од дел од бугарските поранешни, но и сегашни функционери.
Тој нагласи дека доколку самиот бил дипломат или министер, без двоумење би поднел оставка при првиот обид за спроведување ваков вид политика кон друг народ.
„Колку се државите големи, не во територија туку во вредности и цивилизациски габарит, најдобро се гледа по тоа како си ги третираат своите соседи. Прашањето е, дали Бугарија расте со својот однос кон македонскиот народ или станува сѐ помала? За да има добрососедство, треба заемна почит. Кои се Македонците е прашање само и исклучиво само за Македонците. Кои се Бугарите е прашање само и исклучиво само за Бугарите. Кој сум јас, е моја работа, и никогаш нема да ѝ дозволам ниту на својата држава да ми се меша во тој бескрајно интимен простор, а не па на некоја трета држава“, објаснува поранешниот шеф на македонската дипломатија.
Како поткрепа, Димитров се повика и на ставот на група бугарски интелектуалци кои уште во 2020 година потпишаа петиција во која се наведува:
„Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите свои специфики, значително се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту сметаме дека тој може да се сведе на формулата на Меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг“ …
Концепти како што се „објективни критериуми поврзани со идентитетот на една личност“ исто така звучат наивно: идентитетот не е „природна“ генетски пренесена карактеристика, туку социјално конструирана категорија.” Дали знаете каде одите и што сакате да постигнете, или ви станавме боксерска вреќа за лесни политички поени? Дали не гледате дека инвестирате во антагонизам?
Ги слушав дел од вашите европарламентарци денес и ме изеде и туѓиот срам и заедничката мизерија. Значи аман за аман! Ставете се во нашите чевли, оти ништо никогаш не може да се реши без чувство што ѝ е битно на другата страна. Замислете ваш поголем сосед бугарскиот идентитет да ви го нарече “политички зап’рт’к”. Со дикат и усул бе комшии, со дикат и усул, два турски збора одомаќинети во македонскиот јазик. И можеби и во бугарскиот, не знам. Со човечност и емпатија. Во името и на историјата и на иднината“, порача основачот на невладината „Солуција“.