Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Граѓанската сила „Замисли“ вчеравечер организираа отворена дебата „Кажи си ја маката“ со граѓаните на Велес и Вардарскиот регион од земјава.
Целта на настанот што се одржа во просториите на „Europe House” во Велес беше активистите на „Замисли“ да се запознаат од прва рака со проблемите, состојбите и предизвиците со коишто се соочуваат граѓаните и да се дискутира околу можностите за граѓанска мобилизација за нивно решавање.
Никола Димитров, претседател на „Солуција“ пред присутните граѓани уште еднаш истакна дека „партизацијата го подрива секое ткиво на општеството“ и дека е „редно време да им се намали политичкиот колач на партиите“.
„До кога во партиските штабови ќе се одлучува кој ќе биде директор на училиште или лекар на клиника?! Ние кои што сме „ничии“ преземаме одговорност и повикуваме на ангажман и мобилизација на сите чесни и посветени граѓани, за заедно, со демократски средства да туркаме во правец спротивен на постојниот, за конечно да нѐ биде!“, рече Димитров.
Тој накратко информираше и за првата конкретна иницијатива на „Замисли“, околу промените во Законот за здравствена заштита, коишто треба да го ограничат дискреционото право на партиски поставените директори на здравствените установи при вработувањето на лекари и останат медицински персонал.