Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров учествуваше на 18-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија со којшто ко-претседаваа Билал Касами од македонска страна и Андреас Шидер од Европскиот парламент.
Вицепремиерот Димитров ја нагласи важноста на одржувањето на парламентарната соработка за заедничко справување со предизвиците, како и континуирната поддршка од Европскиот парламент за пристапниот процес на земјата, вклучително и преку „Жан Моне“ Дијалогот, имајќи ја предвид значајната улога на Собранието во процесот на пристапување кон ЕУ.
На состанокот се разговараше и за Резолуцијата на Европскиот парламент за Северна Македонија, при што вицепремиерот изрази жалење за едностраноста на усвоените амандмани. Тој го поздрави усвојувањето на Резолуцијата на ЕП во АФЕТ и во ЕП со огромно мнозинство во однос на компромисот дека билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на пристапување. „Но истовремено не можам а да не изразам жалење и разочарување за дел од амандманите што денес беа гласани – 4 и 5 амандман поднесени од г-динот Галер во име на ЕПП, како и да изразам жалење дека амандманот бр.2 не успеа да го добие потребното мнозинство.“ – рече Димитров.
Тој порача дека ниту ние ниту ЕУ немаме луксуз да си дозволиме неуспех на овој пат, било кога станува збор за одлуките кои треба да се донесат од страна на сите земји членки или во нашите билатерални односи:
„Влогот е исклучително голем – вклучително и кредибилитетот на ЕУ во регионот. Мојата држава оваа година обележува 2 декади од потпишувањето на ССА и 16 години од добивањето на кандидатски статус. Имавме голем број извештаи од ЕК каде што се предлагаше старт на преговорите, успеавме да го надминеме незамисливото, решавањето на најголемиот спор од Дејтон во нашиот регион – спорот со името со Грција, потоа имавме проблем со самиот процес, што беше надминат со новата методологија и добивме зелено светло во март. Навистино е крајно време да го отпоченеме пристапниот процес, ако успееме тоа да го направиме ќе постигнеме тројна победа – за нас, за Софија и за ЕУ, а тоа ќе испрати и одличен сигнал до регионот. “. – заклучи Димитров.
Пред европарламентарците, Димитров ја искористи можноста да ја претстави „Агенда: Европа дома” со која се потврдуваат заложбите на Владата за испорака на резултати во приоритетните области од кластерот Темели, се поставува рамката за спроведување на зелената агенда во Северна Македонија, а информираше и за подобрената апсорпција на ИПА фондовите како значаен механизам за спроведување на реформите.
„Северна Македонија останува посветена на исполнување на реформите кои се дел од ЕУ агендата, не само за да им даде аргументи на нашите поддржувачи во Унијата во пресрет на нашата заедничка мисија за отворање на пристапните преговори во рамките на португалското претседателство, туку пред сѐ заради подобрување на секојдневниот живот на македонските граѓани. Европа дома не е само синтагма, тоа е реална и искрена посветеност на оваа Влада за трансформација на нашето општество по европски терк“ – кажа тој.