„На оваа средба не беше потпишан записникот и тоа ја става под сомнеж работата на Комисијата и покажува дека нема желба да се дојде до согласност. Позицијата на македонските историчари е дел од една политика која почнала од минатата година“, изјавил Ангел Димитров, копретседавач на Мешовитата комисија од бугарска страна, на денешната заедничка прес-конференција.
Тој смета дека учењето на далечина поради пандемијата создала сериозни проблеми во образованието, но работата на далечина на нашата комисија создала сериозни проблеми во нивната работа за образованието.
„Денес точката поврзана со Цар Самоил заврши целосно без резултат, и уште повеќе се отстапи од веќе подготвен заеднички текст од страна на двете влади. Ако работиме, следната година треба да знаеме што се очекува од нас со потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство. Нашите колеги настојуваа насекаде да се стави ‘македонски‘, што не е во согласност со востановената практика“, рече Димитров.
Според него, имаме друг начин на гледање кон минатото, кон средниот век и првото бугарско царство.
„Има заеднички јазик во науката и во историјата и тој е почитување на доминантните извори во светската историја кои зборуваат дека е бугарски цар. Дискусијата натаму беше непродуктивна,така што за Гоце Делчев дикутиравме само половина час и нема да коментирам што се случи, рече Димитров.
Тој негираше дека слушнал било какви навреди од бугарските политичари кон Македонија, како вештачки народ и вештачки јазик и вештачка нација.