Димитров: Тендерот за „Чебрен“ е насочен да се даде некому голема предност и буди сомнеж за корупција

од Nikola Popovski
520 прегледи

Веќе се гледа дека тендерот е правно насочен на определен начин. Имаме оправдано сомневање дека можеби се обиделе да се даде некому голема предност и буди сомнеж за корупција, вели во разговор за „Локално“, Константин Димитров, професор и експерт по енергетика околу пропаѓањето на 14-тиот обид за изградба на хидроелектраната Чебрен.

Димитров, кој е дел од Здружението на инженери, вели дека тоа не можат да го докажат и поради тоа истакна дека дале барање и претставка до Јавното обвинителство со своите инструменти да истражи.

-Наведовме дека осум работи кои се случени упатуваат дека тендерот е непристојно поволен за тој што треба да го земе. Прво, кога го објавија беше на месец дена пред избори, сега сакаат да го потпишат на 3-4 месеци пред избори и исто така звучи сомнително. Кога успеа една обична граѓанска иницијатива да го истражи „мочуриштето“, изгледа придонесе да се повлечат и оние кои сакаат да учествуваат во проектот… Да не излезе нешто непријатно што не би сакале да учествуваат. Има многу недоследности во тендерската документација. Имаат право грчките преставници што бараат нешто, посочува Димитров за грчката компанија „Архиродон“, која не ја продолжи банкарската гаранција.

Иако Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека немаат ништо, Димитров истакнува дека признаваат дека сите наводи во жалбата се оправдани и затоа после тоа тужбата се повлекува.

-Казната е Министерството да ја плати таксата за поднесената жалба, во однос на тоа дека решението на одлуката на Владата не коренсподира на условите од тендерот. Затоа не смеат да им ги задржат парите што беа дадени, туку ќе најдат „вин-вин“ ситуација никој да не биде засрамен, ама да се стопира работата, смета соговорникот.

Според него, придобивките од Чебрен се повеќекратни. Дециден е дека сите фирми што конкурираат знаат дека проектот е добар и самоиздводлив.

-Тој проект не се гради за 50 години, туку ќе биде 150 години кој ќе служи на идните генерации на земјава. Од тие причини, сегашнава генерација во Македонија мора да го направи. Не е проблем, туку е предизвик кој треба да ги обедини сите сили во земјава, да направат урнек за следни генерации, дека може да се направи и во лоши услови. Парите не се проблем. За 10 години по 100 милиони евра да давате е минимален трошок, а овде имате по 30-40 милиони за нешто во ТИРЗ, заклучува професорот.

Министерката Каја Шукова објави дека тендерот за ХЕЦ „Чебрен“ официјално пропадна. Банкарската гаранција од 1,4 милиони евра од грчки „Архиродон“ нема да се активира. Заклучно со 31-ви декември не пристигнало продолжување на банкарска гаранција од избраниот понудувач кој беше избран со одлука на Влада и со самото тоа понудата веќе не е активна, а Владата на седница треба да донесе одлука за поништување на тендерот.

-Додека беше активна гаранцијата понудувачот требаше да потпише договор за заедничко вложување, но бидејќи не добивме дополнителни информации од компанијата, банкарската гаранција не важи и не може да продолжиме понатаму. Не се изјаснија тие, но имаа дополнителни услови кои Владата не можеше да ги прифати, појасни министерката задолжена за животна средина и просторно планирање.

Министерот за финансии Фатмир Бесими не верува дека пред изборите може да се објави нов тендер за изградба.

-Кога ќе се оцени повторно во однос на следните чекори, а веројатно сега оваа година пред избори не е реално да се ветува дека ќе стигнеме да објавиме оглас, рече денеска Бесими, одговарајќи на новинарски прашања.

Вели дека има аргументи „за“ и „против“ и за едната и за другата варијанта, односно „Чебрен“ да се гради преку јавно-приватно партнерство или со домашни средства.

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека овој процес за Чебрен го водат надлежните институции и постапката се води според тендерската документација и одлуките на Владата. -Јас не можам да коментирам одлуки на приватни ентитети, зашто се откажале од изградбата на Чебрен, само кусо одговори премиерот.

Хидроцентралата „Чебрен“ е најголемиот проект во енергетиката и производството на електрична енергија во земјава, со инвестицијата во вредност од околу една милијарди евра, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Според последниот тендер, планираната висина на браната од 192 метри требаше да биде една од највисоките во светот. Основен проект за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ е направен уште во 1963 година, а идеен проект во 1965 година и интенцијата на сите влади досега, била да се додели на странски партнер поради лесната достапност до финансии, комплексноста на проектот и стекнувањето на нови знаења.

Н.П.

Слични содржини