Заменик претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања Никола Димитров во разговор за грчкиот весник „То Вима“ објаснува дека нашата земја статусот кандидат го доби во 2005 година, а пред 12 години го имавме првиот позитивен извештај за почеток на пристапни преговори, додека Хрватска стана членка, иако ние пред нив ја потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација, пренесува МИА.
-Многумина ќе се запрашаат дали ЕУ е сериозна. Треба, на ова да се додаде и неодамнешното пуштање на контроверзниот нон пејпер за промена на границите и формирање поголеми држави, кога долгорочно имаме потреба од „европски Балкан“ во кој границите ќе имаат помало значење, вели Димитров
Освен за европската перспектива на земјата, вицепремиерот во интервјуто говори и за бугарската блокада. Тој изразува подготвеност Скопје да соработува со идната Влада во Софија, и истакнува дека ќе биде главна стратешка грешка, ако не успееме да најдеме решение.
-Треба да ги земеме предвид европските принципи. Верувам дека е дел од добрососедските односи кога една европска земја прифаќа дека нејзиниот сосед има право на самоопределување. Не можеш да го оспориш македонскиот јазик на нашиот пат кон Европа, ако Европа претставува заедница на вредности и се гордее за јазичната различност. Постојат меѓународното и европското право кои ги водат меѓудржавните односи. Идентитетот и јазикот се прашања што се однесуваат на секоја земја посебно, објаснува Димитров и додава дека пристапниот процес се однесува на прашањата како што се владеењето на правото, борбата со корупција, а не на прашања што не се поврзани со европското законодавство.
Како што пишува „То вима“, Димитров вели дека постои „прозорец на можност“, до јули да се одреди датум за почеток на преговори со ЕУ.