Димитров во посета на Германија

од Берта Китинска

Од денеска заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров престојува во работна посета на Сојузна Република Германија.

Во програмата се предвидени средби со високи претставници на новоформираната германска влада, вклучително и со новата државна министерка за Европа – Ана Лирман, која на првиот ден од преземањето на функцијата од Михаел Рот, ќе се сретне со вицепремиерот Димитров.

Тој ќе ја искористи посетата уште во првите денови од мандатот на владата на канцеларот Шолц да го насочи вниманието кон европското досие на Северна Македонија и ангажманот на Германија во регионот, информираат од неговиот кабинет.

Покрај средбите во МНР и Бундестагоот, Димитров ќе го покрене прашањето за евроинтеграцијата на регионот и на годишната конференција на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR) – клучен настан на европскиот политички календар што ги обединува највисоките носители на одлуки на континентот, еминентни интелектуалци, претставници на невладиното општество и тинк-тенк заедницата.

Вицепремиерот Никола Димитров во мај годинава стана официјален член на ЕЦФР, водечка меѓународна тинк-тенк организација, посветена на европската надворешна и безбедносна политика.​

Слични содржини