Димитров: Време е ЕУ да достави кредибилна понуда до земјите од Западен Балкан

од Radmila Tasevska
246 прегледи

Ако набргу не успееме да го исполниме европскиот сон на нашето соседство, за десет години ќе го загубиме, а со него ќе имаме изгубено една генерација, истакнува поранешниот министер за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, говорејќи за грчкиот весник „Авги“, јави дописничката на МИА.

За ЕУ перспективата Димитров коментира „децата родени во Северна Македонија, кога земјата стана кандидат, сега веќе гласаат и немаат видено ниту еден процент напредок“, а според него, вината ја имаат и самите земји и самата ЕУ, бидејќи „ЕУ се преправа дека прави проширување, а земјите кандидати се преправаме дека реформираме“.

Смета дека е време ЕУ да достави кредибилна понуда до земјите од Западен Балкан.

-Треба искрено да ни кажат кој е временскиот рок и која е целта. Целосна интеграција? Интеграција во внатрешниот пазар? Која и да е понудата од ЕУ треба да биде во можност да ги оживее реформските сили во нашите земји, кои се парализирани, објаснува Димитров и додава дека проширувањето на ЕУ и реформите, мора да се одвиваат паралелно.

Коментира дека и самите земји сносат одговорност, бидејќи ветуваат реформи и не ги спроведуваат.

-Во мојата земја преовладуваат корупцијата и неказнивоста. Политиката стана алатка за да ги сместиш твоите луѓе во болниците, училиштата, судовите. Поентата е да им го отежнеме животот на корумпираните политичари, да бараме меритократија и одговорност, да се бориме за да остане нешто од колачот и за граѓаните, вели поранешниот министер.

За Договорот од Преспа посочува дека го отвори патот кон ЕУ за Северна Македонија и Албанија, но Франција стави кочница и „шансата беше пропуштена, бидејќи ЕУ не ги исполни ветувањата“.

Коментира дека сè уште има проблеми во имплементацијата на договорот во двете земји, а како пример ги посочува непроменетите табли во Грција на кои и понатаму пишува ФИРОМ.

За весникот Димитров говори и за заминувањто на младите од нашата земја кои одат во Германија и во други земји бидејќи, како што вели „многу полесно е да најдат добра работа и да имаат пристоен живот во странство отколку да останат и да се борат во својата татковина“.

Слични содржини