Димитровски-Блинкен: Поддршка од САД за дијалог со Софија за откочување на европскиот пат

од Milan1
23 прегледи

Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ кој се одржува на Малта, со учество на министри и високи претставници на 57 земји-учеснички и 11 азиски и медитерански партнери за соработка. Состанокот се случува во исклучително сложен геополитички контекст, предизвикан од Руската агресија врз Украина.

Димитровски, во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 г. и член на ОБСЕ Тројката претседаваше со втората сесија на Министерскиот совет.
Во обраќањето пред министрите, осудувајќи ја агресијата, Димитровски се придружи на повиците до Руската федерација да ги повлече силите од Украина и да стави крај на војната и страдањето на населението.

„Оваа војна мора да прекине. Храбрите и отпорни граѓани на Украина заслужуваат достоинствен и праведен мир, а правдата мора да надвладее. По завршувањето на агресијата, ОБСЕ ќе биде во можност целосно да ја реализира својата мисија на продлабочување на дијалогот, изградба на доверба и промовирање на сеопфатна и неделива безбедност”, рече Димитровски, кој ја нагласи и улогата и конкретниот придонес на нашата држава како поранешен Претседавач кон функционалноста на ОБСЕ и нејзината релевантност.

На маргините на Министерскиот совет, заменик-министерот оствари куса средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Во таа прилика, Димитровски се заблагодари на поддршката на САД за европските интеграции на МКД и изрази уверување дека со помош на САД, како наш стратешки партнер, во дијалог со Софија ќе се надминат пречките за нашите европски интеграции и ќе се овозможи забрзано интегрирање во Европската унија, соопшти кабинетот на Димитровски.

„Државниот секретар на САД Блинкен го нагласи нашето партнерство во НАТО, се заблагодари на улогата што Македонија ја има како активен партнер во Алијансата и вети дека на својот наследник од новата администрација ќе му ги пренесе пораките за продолжување на поддршката на интеграцијата на Западен Балкан и МКД во ЕУ, како и на мирот и стабилноста на регионот“, пишува во соопштението.

Слични содржини