Димитровски: Блокадата на Собранието само ќе предизвика контраефект и незадоволство кај граѓаните

од Берта Китинска
461 прегледи

Разбирлива е потребата на опозицијата да предизвика предвремени парламентарни избори. Тоа е политички легитимно. ВМРО-ДПМНЕ сака на бранот на победата на локалните избори да се врати на власт и тука нема ништо спорно.Но, начинот на кој тоа сака да го предизвика со блокади на Собранието и уцени, е кусоглед и ќе предизвика само контраефект и незадоволство кај граѓаните, зашто ќе бидат закочени проектите и законите што носат бенефит за сите, вели во разговор за „Локално“, Зоран Димитровски, заменик министер за локална самоуправа и генерален секретар на Демократскиот сојуз.

Димитровски вели дека во оваа светска криза сите треба да покажат солидарност, но во овој момент според него опозицијата гледа само теснопартиски и причините кои партијата на Мицкоски ги наведува за тоа дека се потребни предвремени избори се спорни.

-Плус причините кои ги наведува Христијан Мицкоски за потребата од предвремени избори се најблаго речено спорни. Цените на енергенсите и на прехранбените производи растат во целиот свет, инфлација има насекаде во еврозоната. Македонија не е исклучок. Сепак, со мерките на Владата за субвенционирање на енергенсите и сл. Македонија има најевтини горива споредено со цените во регионот. Нема недостиг од прехранбени производи, нема рестрикции на струја. Се разбира, трошоците се зголемуваат, но Владата има бројни мерки да ги помогне најсиромашните и најпогодените. Ја зголеми минималната плата, ќе следи зголемување и на другите плати во јавниот сектор и во стопанството преку колективното договарање.Дали е тоа доволно, се разбира дека не е. Но во криза од светски размери сите треба да покажат солидарност. За жал, опозицијата гледа теснопартиски, смета тој.

Според него менаџирањето на општините од страна на опозициските градоначалници покажале дека тешко се справуваат со предизвиците и за сопствената немоќ ја обвинуваат Владата.

-Се однесуваат како да се синдикалци а не како менаџери, барајќи од Владата да им ги покрие сметките за струја, како тие да не се избрани да ги решаваат проблемите на граѓаните, подвелкува Димитровски.

Генералниот секретар на Демократскиот сојуз потенцира дека како коалициски партнер во власта инсистира да се донесат измени во Изборниот законик за Македонија да биде 1 изборна единица и да се создадат услови за рамноправен натпревар на сите политички партии.

-Процедурата за тоа во Собранието е почната и очекуваме наредните неколку месеци измените да се усвојат. По донесувањето на тие измени и стабилизирањето на акутната економска и енергетска криза предизвикана од војната во Украина, може да се разговара и за избори. Сепак, за тоа е потребен 61 пратеник во парламентот, вели тој.

Б.М.

Слични содржини