На самиот крај на минатата година во „ЈП Лајка Скопје“ се одржа еден убав настан. Со учество на Амбасадата на Соединетите Американски Држави и приватна голема компанија на претпразнична чајанка дојдоа родители и деца со атипичен развој од повеќе здруженија.
Заедно со амбасадорката на САД, Анџела Агелер направија заедничка обиколка низ стационарот и упатија порака дека е потребно да се зголеми свеста за хуман третман на бездомните животни. Да се придонесе во создавање свет во кој се препознаваат различностите и се поддржуваат индивидуалните можности и давање поддршка едни на други.
Но, дали гостите на настанот во „Лајка“, на кои исто така навистина им треба голема системска поддршка бидејќи освен тоа што се соочуваат со елементарни потреби, како што – на пример се образовни асистенти, обезезбеден пристап до секоја институција, и во идеални услови некое од овие кучиња може да им стане ново другарче – придружник, а и јавноста навистина знае што се случува со кучињата и ова претпријатие?
Како што „Локално“ веќе објави, „Лајка“ подолг период не заловува и според официјалното соопштение, а и одговорот пред тогаш да ја објавиме веста, од почетокот на декември, не враќа заловени кучиња на локација затоа што ова претпријатие се соочува со сериозни проблеми.
Во „Лајка“ владеат тешки заразни болести, а некои од нив оставаат и трајни последици доколку некое куче преживее.
Некои од активистите кои нашле улично куче вратено на локацијата каде што било заловено и се мачат да го спасат, пишуваа со наведени датуми кога кучето било заловувано и најдено на улица болно од заразна болест и дека претходно не добило соодветна терапија.
Според нивната процена базирана од мислење на ветеринар кај кого го однеле најденото куче, тоа било премногу младо и вратено на локацијата без да добие неопходна медицинска помош. Во таа преписка, која на моменти изгледа и на агресивна одбрана, а во која се вклучи и личност која имаше точни информации кога кучето било заловено, третирано и пуштено од „Лајка“ и ги негираше обвиненијата и напиша дека кучето било тестирано два пати за штенечак, со негативен резултат и било пуштено по 8 дена.
Има кучиња болни и од парво и од штенечак, а „Лајка“ според информација која ја доби „Локално“ минатата недела сè уште не заловува кучиња.
Порано, во истото претпријатие имало и куче болно и од бруцелоза. За овој случај јавноста не дозна, а „Локално“ дозна од извор кој многу добро ја познава состојбата таму. Но, загрижувачки е тоа што дури и повеќето од вработените не знаеле дека додека го чистеле и го хранеле кучето било болно од болест од која се заразуваат и луѓе. Неговата судбина не е позната за јавноста. А, според сведоштва на соговорниците, донирана храна за кучињата со изминат рок се користела и надвор од бараките за да се хранат стаорците и да не се врши дератизација со изговор дека се социјални животни и за да се држат надвор од објектот. Ова се случувало по подолг период откако си правеле свое „царство“ во претпријатието кое законски треба да е санитарно, чисто.
На кучињата им била давана храна загадена со измет од стаорци. Па така, иако се изземе потенцијалната опасност за ширење на други болести кај кучињата, со самиот контакт со изметот на глодарите кои според законските прописи не смеат да се наоѓаат во ова претпријатие бидејќи се потенцијални преносители на многу болести, било во опасност и здравјето на вработените.
А, стаорците направиле голема штета и на „боксовите“, просториите каде се чуваат кучињата, односно ги изгризале преградните ѕидови, стаорците јаделе храна и облека на вработените. Исто така, направиле штета и на возило, а и друга материјална штета која ако се занемари здравствената опасност, финансиски треба да се процени.
За овие прашања и за други кои го засегаат работењето и етиката на функционирањето на ова претпријатие разговаравме и со ветеринарот и поранешен директор на претпријатието, Војислав Димитровски. Тој не сакаше да ја коментира состојбата со стаорците, но укажа на повеќе проблеми.
Според него, градската власт реално не дава доволна поддршка на претпријатието, кое исто така се искористува и за цели кои не се според правилата за функционирањето на „Лајка“, заради задоволување на волјата на активистите, што е сериозен проблем кој оневозможува заловување на нови кучиња. А, за тоа освен него сведочат и други активисти.
Тие исто така велат дека меѓу многуте кучиња таму има одбрани, кои се резервирани или чекаат вдомување во странство. Впрочем, нешто слично потврди и самата директорка на „Лајка“, Радмила Пешева во едно гостување на популарен поткаст. Тогаш кажа дека меѓу тие кучиња се праќаат и тие што се агресивни. Кажа дека за вдомување во Англија, Германија и други земји на „Лајка“ ѝ помагаат повеќе здруженија. За жал, некои од овие здруженија покрај многуте евтаназии ги обележа и случај кога куче кое од други овдешни активисти било вдомено во Англија само по неколку месеци било убиено. Вдомителката го заклала и тоа пред нејзиното дете. Според тоа што „Локално“ неофицијално го дозна, таму се води законска постапка против вдомителката.
Инаку, според тоа што за „Локално“ го кажа и поранешниот директор кој, како што рече си дал оставка меѓу другото и заради вакви несогласувања, „Лајка“ користи скоро 60 проценти од капацитетот за кучиња кои се таму подолг период од предвидениот.
„Идејата што е? Претпријатието како такво, реконструкцијата негова е лоша. И претпријатието нема услови за она што во моментов се случува во таму, односно делумно азилирање на животните затоа што боксовите не се направени за подолг престој на животните, направени се за краток престој, односно за транзит шелтер, како што е и основана стратегијата залови, стерилизарј, врати. Кога ќе го отворите Фејсбук-профилот ќе видите: ’Да се вдоми ова куче, 5 месеци, година дена е тука‘. Сите се по толку таму. Јас не треба да кажам, само отворете го профилот и се гледа дека некои кучиња не се објавуваат и веднаш се враќаат на локација а други се чуваат со месеци. Значи брзиот трансфер на животните не се почитува“, вели Димитровски.
Тој рече дека според законската регулатива кучињата треба да се 10 до12 дена во прифатилиште. По закон, како што ни објасни, за машко треба да биде од третманот 24 часа, а за женско треба да биде 48 часа, после тоа да се врати на локација.
„Сепак може да има некои компликации, а за да бидат здрави како што треба на кучињата им се дава 7, 8, 9 дена да престојуваат и да се даде можност да се вдомат. Тоа го направивме во битолското прифатилиште. Значи 10 дена после третманот задолжително седи, освен ако не е пребукирано или ако некој човек сака некој да си го вдоми. Имаме трансфер, задолжително не смее да се зачуваат кучиња по која било причина. А, заради процесот на емпатија кон определени единки, затоа што на определени луѓе вклучени во процесот на работа на Лајка некое куче им се допаѓало, се случува задржување на тоа куче. Тоа е сериозна кочница во третманот на претпријатието и тука се кршат највеќе копјата помеѓу вработени коишто се за сериозна циркулација и помеѓу вработени коишто повеќе се во насока да си ги чуваме. Така, од друга страна има кучиња што некои така си ги сака и си ги чува на сметка на граѓаните“, истакна Димитровски.
Имало моменти кога и тој се соочил со дилема дали да зачува некое куче, но, како што кажа, не дозволил да го совлада во интерес на многу повеќе.
„Јас сум имал неколку, на една рака се бројат што ми биле многу мили. Мислам премили, и, кога во моментот треба кучето да се врати на локација ќе го вратам. Затоа што јас треба да покажам како раководител на сектор во тој период треба да покажам дека мојата емпатија не може да делува. Ако ова е мое прифатилиште тогаш јас можам да правам такви чекори, но ние сме тука одговорни пред граѓаните. Ние сме тука одговорни пред тие што плаќаат даноци и немаме право на таков тип на емпатија. Да, ние можеме на некое кучето да му посветиме повеќе внимание, еден груминг да му се направи, што не се прави, а треба да се прави и имаме капацитет да се прави. Значи така тип на грижи треба да се прават. А, се соочуваат кучиња. И тоа не треба да е така пред се затоа што прифатилиштето не е направено за таков тип на чување на кучиња. Тоа е затвор за кучињата, затоа што е внатрешен систем на чување со внатрешни боксови. Кој што прво кога е градено прифатилиштето е изградено на начин којшто нема доволно светлина. Кај што нема инсталација за вентилација, нема соодветни вентилација и одводниот систем катастрофално изведен што дава предиспозиција за влажни простории, ладни простории и миризба којашто е неприфатлива. Затоа е брз транзит шелтер. Во таков услови да стои животно година 2, 3, 4 ништо добро не му правиме од гледна точка на благосостојба. Кучињата треба да останат најмногу 10 до 12 дена во прифатилиште, но тоа не се почитува, па некои кучиња се чуваат со месеци. Имам сериозни едукации во однос на благосостојба и покрај тоа што сум ветеринар. Значи, од гледна точка на благосостојба, многу пати сум пробал да им укажам на луѓето што мислат дека помагаат на таков начин, значи ништо не му се помага на кучето во однос на неговиот благосостојба на овој начин“, потенцираше Димитровски.
Тој опиша дека кучињата таму живеат во еден затворен простор од околу 4-5 квадрати. И, така поминуваат со години и месеци во влага, чекајќи во текот на денот негувателите да ги извадат еднаш до двапати во денот надвор во дворот.
„По пола саат, толку. Кој квалитет на живот го има тоа куче коешто живеело на улица? Има кучињата што улицата си ги бара. Мислам, луѓето си ги бараат, ама некој проценил дека подобро е да биде тука. Не е тоа соодветно. Ја разбирам некогаш на пример и главната приказна е: ’Ова таму ако се врати ќе биде отруено, ова ако се вратам некој ќе го истепа, ова не може да се врати со ваков карактер може да направи проблем‘. Ама, ако кучето направи проблем, законот го детектира како агресивно куче и си има законска постапка“, рече Димитровски.
Како дополнителен и многу важен проблем со кој се соочува ова јавно претпријатие, според него, е тоа што, иако општините не прекинале договори со „Лајка“ буџетските кратења и недостатокот на поддршка од Град Скопје создаваат услови за неефикасно функционирање на системот.
„Мислам дека малку е претерано кога некој тврди дека адвокатите не направиле доволно. Ако за една тужба бараат милионски суми, а се сведува на 60.000 до 50.000 денари, тоа е сериозен успех“, истакна Димировски, но додавајќи дека според него, „Лајка“ се фокусира на нападите кон општините додека Град Скопје не го поддржува претпиратието во доволна мера.
Тој исто така истакна дека раководството на „Лајка“ во моментов нема сила или храброст да се соочи со Град Скопје за да каже дека не се само општините проблемот со недостатокот на средства, бидејќи тие имаат договори и можеби со задоцнување, но сепак плаќаат. Проблемот, како што кажа, е во Град Скопје од каде континуирано се намалува буџетот за „Лајка“.
Димитровски истакна дека Битола има многу подобар систем за третман на бездомни кучиња.
„Во Битола, за еден месец успеавме да третираме 78 кучиња, а Лајка во втората година достигна до 70-80 кучиња месечно. Тука е разликата во системот и во капацитетите“, објасни тој.
Во однос на капацитетот на Скопје, Димитровски смета дека јавното претпријатие може да постигне поуспешни резултати ако се следат правилните принципи на организација.
„Лајка има вработено администрација заедно со негуватели, без ветеринарите, 30 луѓе. Во битолското има тројца чувари и тројца негуватели, значи 6 луѓе. И со 6 луѓе се на првиот месец со такви резултати. Значи системот е различен и системот дава посериозен резултат. И треба да размислиме дали Лајка не треба да почне да следи таков тип на систем. А, јас тоа го промовирав таму и секогаш им укажував, луѓе дајте, и тоа во програмата на ’Лајка‘ стои. Намерно го ставав секоја година во изминатите години јас кога бев директор дека ние мора да работиме со дисперзирани услуги, односно да ги вклучиме ветеринарните амбуланти коишто се расположливи во градот за ние паралелно да го тераме системот затоа што Лајка нема капацитет. Јас направив мониторинг заедно со уште еден другар во Скопје. ’Лајка‘ за жал, до моментов немаше фокус што значи мониторинг, значи директорката не поддржуваше мониторинг. Не и беше идејата, иако е законска обврска. А, мониторингот е основа за правење на програмата и мојата доброволна работа надвор од работно време јас ја вклучив во програмата за програмата е направена врз основа на мониторинг“, рече Димитровски.
И.И.