Да се вдомуваат во странство или не? Трагичната судбина на кучето Ава отвори дебата за одговорноста при вдомувањето на животни

од Илинка Илиоска
482 прегледи

Според информациите кои „Локално“ ги доби од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), за извозот на кучиња и мачки од Северна Македонија, се забележува дека постои значителен интерес за вдомување . Минатата година извезени се 1961 кучиња и мачки, за што се издадени 171 ветеринарно здравствен сертификат. Годинава, до овој момент, извезени се 1616 животни.

„Пратките со живи животни, вклучувајќи и кучиња и мачки, кои се испраќаат во земјите членки на ЕУ и трети земји, треба да бидат прегледани и сертифицирани во согласност со прописите од областа на ветеринарното здравство во земјава“, објаснија од АХВ. Оваа процедура вклучува изведување на пропишаните ветеринарни прегледи и потврдување на здравствената исправност на животните од страна на официјален ветеринар.

Во 2023 година, од вкупно извезените 2175 животни, најголем дел биле однесени во Обединетото Кралство, односно, таму биле вдомени 1691 куче. Во Романија, земја која исто така има голем број со бездомни кучиња, однесени се 344, во Холандија 62, Германија 41 и Франција 37.

Од АХВ истакнаа дека вдомувањето на животните во странство се врши од страна на овластени прифатилишта, кои мораат да исполнуваат сите законски услови. Во 2023 и годинава, пет одобрени прифатилишта од Македонија, вклучувајќи „Феникс петс“, „Медика Зови“, „Винивет плус“, „Иновет“ и „Ветеринарна станица Неготино“, успешно реализирале извоз на кучиња и мачки.

Кога станува збор за нерегистрирани здруженија, АХВ посочи дека единствената можност за извоз на кучиња и мачки во земји на ЕУ или во трети земји е со издаден ветеринарно здравствен сертификат од страна на официјален ветеринар.

„АХВ нема сознанија дали и кои физички или правни лица посредуваат во постапки за вдомување на кучиња и мачки во странство“, велат од Агенцијата.

Значаен дел од овие кучиња и мачки кои се вдомени во странство се улични животни кои активистите ги спасуваат од страдањата на улиците низ земјава.

Но, каква е нивната судбина кога ќе се вдомат во странство?

Многу од нив живеат среќен живот со новите сопственици. Безгрижно трчаат по англиските плажи и уживаат во долгите прошетки. Но, за жал некогаш се случуваат и инциденти затоа што вдоменото куче се однесувало агресивно, или каснало некого. Во вакви случаи здруженијата од овде би требало веднаш да реагираат и да обезбедат друго сместување за животното да не биде евтаназирано. Но, дури и тогаш се случуваат немили настани, како што се случи со кучето Ава.

Трагичната судбина на Ава предизвика големо внимание и дебата за одговорноста на вдомувачите, протоколите за вдомување на кучиња и етичките прашања поврзани со евтаназијата на животни, но, и за преголемиот број на напуштени кучиња ширум Македонија за кои никој не одговара, а институциите не постапуваат со конкретна и корисна мерка за контрола на размножувањето кучиња и мачки и намалување на бројот на уличните животни.

Здружението „Мали херои“ од Битола, кое посветено се грижи за спасувањето и вдомувањето на бездомни животни, се најде во центарот на многу дебати на социјалните мрежи и тука и во Англија по трагичната смрт на Ава, која  беше спасено од монструозно малтретирање во селото Скочивир.

Ава, пред седум месеци беше пронајдена врзана со жица за бандера и оставена да умре, преживеа благодарение на посветената грижа на здружението и активистите кои донираа за нејзиното лекување. Сепак, нејзината приказна заврши со ненадејна и контроверзна евтаназија во Англија каде што беше вдомена.

„Со длабока болка и огромна тага, дознавме дека нашата сакана Ава е евтанизирана“, изјавија од здружението преку соопштение објавено на социјалните мрежи. Во нивното обраќање, тие објаснија дека Ава била транспортирана во Англија на 5 септември преку специјализиран транспорт за миленици.

Првите денови откако пристигнала, сè изгледало во ред – редовно добивале видеа и фотографии од новата вдомувачка, кои сведочеле за нејзиното здравје и благосостојба. Сепак, по пет дена, комуникацијата нагло прекинала.

„Вдомувачката неочекувано ги блокираше сите наши контакти, и само преку нашата мрежа за поддршка во Англија дознавме дека Ава е евтанизирана“, напишаа од здружнието.

Според информациите што ги добиле, вдомувачката тврдела дека Ава станала агресивна за време на прошетка, напаѓајќи друго куче, а при обидот да ја одвлече, вдомувачката била повредена.

„Оваа постапка беше шок за нас. Протоколот за адаптација беше јасен – на секое спасено куче му треба време за да се прилагоди на новото опкружување“, изјавија од „Мали херои“.

Тие истакнаа дека евтаназијата е прекршување на договорот за вдомување, кој експлицитно налага известување на здружението во случај на каков било проблем со животното.

Реакции за поддршка и критики

Соопштението, на социјалните мрежи предизвика бурни реакции. Многу активисти и следбеници на здружението, кои го следеа патот на Ава уште од нејзиното спасување, бараа одговорност.  Некои од најгласните критичари во своите коментари укажаа на потребата за поголема транспарентност и отчетност од страна на здруженијата кон активистите.

„Сите што ја следевме страшната судбина на Ава, не бараме да ве напаѓаме, но очекуваме одговорност. Не велам дека сте виновни, но вие сте одговорни за секое вдомено куче, и не може да очекувате само пофалби, туку и критика кога тоа го налага ситуацијата… како во овој трагичен случај“, гласи еден од коментарите.

„Мали херои“ признаваат дека таквите реакции се очекувани, но и дека се соочуваат со сериозен шок и болка велејќи дека во моментов се изложени неосновани обвинувања и бројни теории на заговори.

„Многу сте во право, но кога сите би размислувале како вас, да помогнат со сугестија или совет… За жал, наидовме на бројни теории на заговор и неосновани обвинувања“, одговорија од здружението.

Коментарите од многу следбеници кои се приклучија на дебатата продолжија да се нижат. Сопственици кои имаат долгогодишно искуство со одгледување на големи раси кучиња, изразија мислење дека проблемот лежи во неправилниот третман на одредени раси.

„Доминантни раси, како што е Кангалот или Шарпланинецот, бараат силен лидер. Ако сопственикот покаже слабост, кучето може да направи проблем. Не секое куче е питомо милениче што може да се шета во урбана средина“, гласи еден таков коментар.

Пред да биде објавено соопштението, редакцијата на Локално се обрати до претставничката на здружението „Мали херои“ за дополнителни информации за случајот. Таа изјави дека здружението нема детали за точниот тек на настаните и дека дознале за смртта на Ава преку жена од Англија, која ја објавила веста на социјалните мрежи.

„Нашата активистка што го водеше процесот на вдомување беше блокирана од вдомувачката. До моментот кога последен пат имавме контакт, кучето беше добро и следната фаза беше запознавање со вдомувачката и нејзиното куче.“

Каква е правната моќ на договорите за вдомување?

На прашањето за клаузулите од договорот за вдомување, претставничката потврди дека договорите се унифицирани и дека секој вдомувач е обврзан да го извести здружението при било каков проблем.

„Ваков случај не сме имале досега, а ваква ситуација – некој да не заобиколи на овој начин – исто така не ни се случила. Сега ќе се консултираме со адвокати за понатамошната постапка“, рече претсавничката и истакна дека здружението ќе се консултира со адвокати за да се разгледаат можностите за преземање  правни мерки за да се обезбеди правна разрешница според законите на Обединетото Кралство.

„Ние ќе се бориме за да ја истераме правдата до крај“, нагласија од здружението, истакнувајќи дека евтаназијата е прекршување на договорот и дека ќе вложат максимални напори ваквата трагедија да не се повтори.

Активистка од Канада која исто така е борец за заштита на кучињата се огласи со напис за поддршка.

„Би сакала да дадам изјава во врска со Ава. Прво, здружението во Македонија НЕ е виновено. Ја испратија со најдобра намера и имаа договор и резервна поддршка. Усвоителката имала поддршка и понуди за помош, но тие биле одбиени. Потоа ги блокирала сите и без дозвола ја однела Ава на ветеринар.

Во некои случаи, за среќа ретко, посвоителите го прават тоа и не може да се направи ништо друго освен да се ангажира адвокат за прекршување на договорот. Ова е скап потфат и затоа речиси никој не се ни обидува.  Ава беше прекрасно и нежно куче на кое требаше да му се дозволи да има среќен живот. Многу ми е жал за неа и за луѓето во Македонија кои и помогнаа. Но, тоа што ги напаѓате е лоша услуга за нејзиното сеќавање“, гласи нејзината реакција на бројните коментари.

Имаше и совети кои се навистина важни и за тие што вдомуваат, но и за здрушенијата кои тука ги спасуваат животните:

„Ќе кажам само три работи. Кога посвоителот се жали на куче од самиот почеток, сфатете го сериозно. Кога посвоителот се обидува да ревдомува куче без спасувачот да знае, отстранете го кучето! И на крај, проверете ги страниците со ‘црните листи’, без разлика колку е добар апликантот“, гласи еден таков совет.

И.И.

 

 

Слични содржини