Димовски: Демократски избори може да има и ќе има

од desk3
93 прегледи

Слободни, фер и демократски избори може да има и ќе има. Граѓаните на Република Македонија го заслужуваат тоа и СДСМ не смее повеќе да бега од одговорноста, рече на денешната прес-конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

СДСМ, како што додаде, мора максимално да придонесе за тоа. – СДСМ ја има контролата и врз Министерството за внатрешни работи и доминантно врз Државната изборна комисија, двете најодговорни институции за спроведување на изборниот процес, рече Димовски.
ilija-dimovski11
Посочи дека не станува збор за никаква еднострана одлука за распуштање на Собранието бидејќи, како што рече, договорот од јуни и јули, на кој е потпишан лично Заев, предвидува избори на 24 април 2016 година. – Дополнително, Собранието, со гласовите на сите партии, вклучително и на СДСМ, го донесе Изборниот закон, во кој е дефиниран изборниот датум токму за 24 април 2016 година, истакна Димовски.

Три од четирите големи партии, како што посочи, се за избори на 24 април 2016 година,  а всушност еднострана е само одлуката на СДСМ против овие избори, за кои претходно дадоа јасна согласност.

– Да биде јасно за граѓаните, Државната изборна комисија веќе има утврдена методологија за прочистување на Избирачкиот список. За таа методологија гласале сите членови на ДИК, вклучително и членовите кои во ДИК се избрани по предлог на СДСМ. Трите партии, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА веќе одамна ја прифатија оваа методологија. Ако СДСМ денес ја прифати методологијата ДИК ќе може уште веднаш да започне со прочистување на избирачкиот список. Секое одложување и пазарење е свесно правење на проблеми со цел политичката криза да се оддолжи и да ескалира. Тоа е стратегијата на СДСМ. Стратегија која е спротивна на интересите на граѓаните на Република Македонија, рече тој.

ВМРО-ДПМНЕ верува во исправноста и точноста на Избирачкиот список и сме сигурни, како што рече Димовски, дека не постојат никакви фантомски гласачи. – Ако Заев мисли дека има фантомски гласачи, сега има контрола и над ДИК и над МВР па слободно нека истражува и нека прочистува. Ден поскоро. Нека ја прифати методологијата која ја изработи овој ДИК и нека започне прочистувањето уште денес, додаде тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат Зоран Заев да престане да прави, како што вели Димовски, политички театар. – Секој нов проблем  што тој и неговите соработници ќе го создадат, ќе бидат строго казнети од граѓаните на оваа држава, рече Димовски на денешната прес-конференција.