Димовски: Јанева да се извини за вчерашната изјава

од desk3
70 прегледи

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од коалицијата денеска најостро ја осудија вчерашната изјава на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и побараа од неа да се извини за навредата на државата Република Македонија, народот и институциите, а сите политички партии да се оградат и исто така да ја осудат нејзината изјава.

Ilija-Dimovski-Sobranie1

Координаторот на пратеничката група Илија Димовски рече дека изјавата на Јанева била политичка, односно дека таа се однесувала како портпарол на некоја од опозициските партии и оти станува збор за многу опасна изјава која го руши дури и суверенитетот на земјата.

– Изјавата на Јанева е многу опасна и сериозно штетна за државноста. Според таа изјава значи Македонија нема институции, претседател, Собрание, Влада, Уставен суд… Значи дека оваа држава не постои. Оваа изјава е обид за демонтажа на Република Македонија. Во минатите години се навикнавме на вакви изјави надвор од Република Македонија, но сега е жално што ваква изјава доаѓа од граѓанин на РМ, рече Димовски.

Јанева, додаде Димовски, се делигитимира самата себе. – Според тврдењата на Јанева, законот со кој е избрана и финансискиот план и одлуките со кои е избрана се нелегитимни и тоа значи дека таа не постои, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа изјава, според него, значи дека Македонија треба да стане протекторат на некој од надвор и некој друг да одлучува за неа. Димовски потенцира дека Јанева излегува надвор од своите надлежности.

Тој ја повика Јанева да дојде на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а потоа и на пленарна седница и исто како што постапуваат други избрани лица да го образложи Извештајот. – Тоа ќе биде добра можност таа да се извини пред пратениците, рече Димовски. /МИА