Димовски: На 1-ви Мај ќе изразиме незадоволство од ниските плати, сиромаштијата и непочитувањето на работничките права

од Vladimir Zorba
901 прегледи

Специфични и крајно сензитивни се условите во кои оваа година ќе се одржи традиционалниот протест на 1-ви Мај.

Синдикатите реагираат дека како ретко досега работничките права се ставени на тест на издржливост, особено поради продолжувањето на работната недела во интерес на Договорот со „Бехтел и Енка“, но и како резултат на огромното покачување на платите на функционерите.

Ова прашање нема да изгуби од својата актуелност, тоа е наш приоритет и ССМ нема да се откаже од тоа да се обезбедат еднакви принципи и динамика за покачување на платите на работниците како и за функционерите. На протестот ќе изразиме незадоволството од ниските плати, сиромаштијата, непочитувањето на правата на работниците и граѓаните, бавните и нецелосни мерки за справување со економската и енергетската криза“, изјави за „Локално“ претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Како основен показател за загрижувачката состојба на работничките права, Димовски ги посочува големиот број штрајкови во текот на изминатата година. Од Синдикатот, работниците барале помош и во вид на претставки. Во 2022 г. се евидентирани дури 40.254 обраќања за работници по разни основи за заштита на правата од работен однос а најголем број се во врска со неисплатени плати, надоместоци, придонеси и додатоци на плата, како и поради нарушени синдикални права.

Во Вашиот повик за традиционалниот протест на 1-ви Мај, се обративте до сите граѓани да излезат и да го изразат незадоволството поради огромното покачување на платите на функционерите. Се чини дека ова прашање изгуби на актуелноста, па оттука и дилемата дали можеби како и сите останати ќе „остане во фиока“?

– ССМ ќе ја почитува традицијата и оваа година како најстар, најброен и единствен репрезентативен синдикат го повикуваме членството, работниците и граѓаните на денот на трудот 1-ви Мај да го изразиме незадоволството од ниските плати, сиромаштијата, непочитувањето на правата на работниците и граѓаните, бавните и нецелосни мерки за справување со економската и енергетската криза .

Дополнително, огорченост предизвикува и дискриминаторскиот однос на владата која експресно обезбеди средства за енормно покачување на платите на носителите на власта, а за работничките плати предложи покачувањето да оди етапно и во износ кој не обезбедува егзистенцијален минимум за работничките семејства со образложение дека за работниците нема обезбедени средства во буџетот.

Работниците нема да заборават дека оваа власт презеде конкретни мерки за сопствено материјално обезбедување, а ги остави работниците и граѓаните на маргините на општеството. Ова прашање нема да изгуби од својата актуелност, тоа е наш приоритет и ССМ нема да се откаже од тоа да се обезбедат еднакви принципи и динамика за покачување на платите на работниците како и за функционерите.

Во колкава мерка дел од повиците на протестот ќе се однесуваат на договорот со „Бехтел и Енка“, односно на делот кој овозможува 60 часовна работна недела?

-ССМ веќе еднаш оспори ваква одредба пред Уставниот суд, кој како највисок заштитник на правниот поредок го укина ваквото решение. Преседан е Владата во многу кус рок повторно да прави обид да обезбеди ваква одредба сега преку измени на Законот за работните односи иако Уставниот суд во предходната постапка даде сериозно образложение за нејзината неуставност и дека истата е спротивна на националното законодавство и меѓународните трудови стандарди. Анализите говорат дека повредите на работа и професионалните болести се зголемуваат со зголемувањето на работното време на работниците, а во демократските општества човечкиот потенцијал е најважен ресурс на државата.

ССМ сериозно се спротивставува на поткопување на принципот за 40 часовна работна недела за што работниците се избориле во минатиот век. Напротив стремејќи се кон европска интеграција се залагаме да се разгледаат ефектите и бенефитите од намалување на работните часови во неделата. За ова барање на ССМ добивме поддршка и од Европската и Светската конфедерација на синдикатите како и од Светската и Европската синдикална федерација за градежништво и дрвна индустрија.

Синдикатот бара и право на регрес за годишен одмор како и нивните колеги во приватниот сектор. Колкави се шансите за ова?

-Единствено исправно е работниците да имаат еднакви права без дискриминација било да работат во приватниот или во јавниот сектор. Така е и со регресот за годишен одмор кој е во функција на обновување на работната сила на работниците во насока на поголема продуктивност и мотивираност за работа. Одморот е неотуѓиво право од кое работниците не можат да се откажат , ниту пак може да им биде одземено. ССМ е дел од работната група која работи на првичниот текст на новиот ОКД за јавен сектор и нема да отстапиме од тоа регресот да биде обезбеден и за работниците од јавниот сектор, а наше барање е тоа да биде во висина од 40 % од просечната нето плата за што имаме и консензус со останатите синдикати.

Вистински бран на штрајкови, протести и други изливи на работничко незадоволство се јавија во скоро сите западно-европски земји. Македонија никогаш немала традиција на жестоки протести, но логично се наметнува прашањето за начинот на кој нашите работници регираат во однос на постојаните поскапувања…

-Штрајковите ја одбележија минатата и оваа година и во нашата држава. Работниците се поотворено бараа од ССМ да биде организатор на штрајкови и протести. ССМ го организираше штрајкот во јавниот сектор, а беа и организирани штрајкови во одделни компании и институции предводени од гранковите синдикати во состав на ССМ. Штрајковите се показател дека правата на работниците се нарушени и сериозно е загрозена нивната егзистенција. ССМ насојуваше проблемите да се решаваат по пат на социјален дијалог, но поради игнорантскиот однос на власта приморани бевме некои барања и права да ги решаваме и обезбедиме преку штрајкови.

Наставниците се незадоволни поради спојувањето на предметот историја со други предмети, стравувајќи од губење на работни места. Дали планирате средба со ресорното министерство?

-ССМ будно ги следи состојбите и во оваа област, на барање и рекција на нашето членство и пошироко на работниците ќе реагираме и ќе ги преземеме сите законски мерки и активности за заштита на работничките права

Каква беше изминатата година во однос на почитувањето на работничките права? Колку претставки беа поднесени до ССМ и на што најмногу се однесуваа?

-Во текот на 2022 г. во ССМ се евидентирани вкупно 40.254 обраќања за работници по разни основи за заштита на правата од работен однос од кои во Секторот за работни односи и правна заштита, регионалните синдикални претставништва и канцеларии, 22.052 обраќања за работници, а преку мобилоната апликација ССМ – мои работнички права, 18.202 обраќања за работници.
Најголемиот број на обраќања се во врска со неисплатени плати,надоместоци придонеси и додатоци на плата , како и поради нарушени синдикални права.

Кои успеси на ССМ ги сметате за најголеми во текот на изминатата година, и кои се приоритетите што понатаму треба да се издејствуваат во насока на зголемување на работничките права?

-Како претседател на најбројниот и најстариот синдикат во државата сметам дека ССМ беше на висина на задачата за заштита на работничките права во година во која сите бевме исправени пред предизвиците на економската и енергетската криза, година на воени случувања во светот и година во која сеуште се чуствуваат последиците од здравствената ковид криза . Секогаш може да се стори повеќе и поинаку, ССМ не бега од одговорност, нудиме решенија, покренуваме иницијативи, но не секогаш наидуваме на разбирање и респект од социјалните парнери, владата и работодавачите.

Законски механизми постојат за нашата борба и ние сериозно ќе ги искористиме сите можности работниците да го добијат своето место во општеството, затоа што тие се носители на трудот како најважен дел од производните процеси без кој нема напредок и развој во општеството. Ни престојат уште ангажмани, ССМ е спремен ќе ги мобилизираме сите наши потенцијали за унапредување на правата на работниците. Ги повикуваме сите работници, граѓани, подржувачи на демократските процеси и развој да ни се приклучат заедно да бидеме посилни и поуспешни.

Најзначајни ангажирања на ССМ за заштита и унапредување на работничките права за минатата година се :

*Зголемување на минимална плата во висина од 18.000 денари и минимална плата не помала од 57 % од просечната плата

На иницијатива на ССМ по пат на социјален дијалог беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата во Република Северна Македонија, Сл. весник бр. 41 /22.
Со измените на законот минималната плата изнесува 18.000 денари, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

Како резултат на законските измени околу 80.000 работници и граѓани добија покачување на платата од 15.194 на 18.000 денари.

Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со законските измени се предвидува, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година.

*Недела – неработен ден

ССМ беше иницијатор и најголем поддржувач на законските измени со кои денот недела е уреден како неработен ден за најголемиот број на вработени во државата. На овој начин ССМ обезбеди најголемиот број на работници да ја користат неделата како ден за одмор, обнова на својата работна сила , односно како конструктивно време за семејството, грижа за децата и сопствено надградување преку образование, спорт и културни манифестации.

Преку законските измени ССМ обезбеди зголемен надоместок за работниците од исклучителните дејности уредени со закон за ангажирањето во недела како и право да користат слободен ден во наредните седум дена.

*Работнички протести

Минатата година беше година на работнички протести за нашата држава. Свесни за економска, здравствена и енергетска криза кои се присутни насекаде во светот, вклучително и во нашата земја, предлагавме мерки за решавање на проблемите со ниските плати ,намалувањето на животниот стандард и пораст на сиромаштијата, баравме социјален дијалог и унапредување на колективното договарање. Одговорно тврдиме дека актуелната власт не одговори соодветно на нашите барања и иницијативи, а игнорантскиот однос на власта кон нас работниците беше причина ССМ и синдикатите во неговиот состав на барање и иницијатива на членството да реализираат повеќе протести за изразување на оправдано незадоволство од наметнатите постапки за намалување на работничките права.

*Иницијативи и постапки на ССМ и здружените синдикати пред Уставниот суд

-Врз основа иницијативата поднесена од ССМ и Синдикатот за градежништво,индустрија и проектирање, Уставниот суд го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д, со кој меѓу другото беше предвидено дека работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината.ССМ брзо и ефикасно реагираше со поднесување на иницијатива која беше прифатена и спорниот член од законот е укинат од Уставниот суд со што неправдата врз работниците е исправена.

-Уставниот суд застана на страната на вистината и правдата и не ја прифати иницијативата на Стопанската комора за намалување и ограничување на право – недела да биде неработен ден за најголем број на работници во државата. Уставниот суд го одби барањето на Стопанската комора, односно го прифати образложението и ставот на ССМ и ги остави на сила одредбите од законските решенија со кои недела е неработен ден за најголем број на работници и на тој начин придонесе за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност на работниците и граѓаните во државата .

*Активности на ССМ во измени и дополнување на работно-правното законодавство

-Активностите започнати во 2019 г.за донесување на нов ЗРО продолжија и во 2022 и 2023 г. Претставници на ССМ учествуваат на расправите со другите социјални партнери, истовремено ССМ достави и писмени забелешки по последната верзија на новиот ЗРО до МТСП. Со своите предлози ССМ настојува да ги унапреди работничките преава по примерот на европските и светските законодавства.

-Закон за вработување и осигурување во случај на невработеност и Закон за стечај.ССМ има свој претставници и во работните групи за донесување на овие закони при што се води грижа за заштита на правата на работниците и граѓаните .

* Учество во работата на Националното координативно тело за спречување и заштита од дискриминација

ССМ ја следи состојбата и учествува во креирањето на политики за недискриминација по било кој основ , целта е да се придонесе во подигнување на јавната свест за препознавање на дискриминацијата како негативна општествена појава , како и да се стекнат познавања за начинот и постапката за заштита и сузбивање на дискриминацијата .

* Учество во работата на Националното координативно тела за спречување на родово базирано насилство и семејно насилство

Како дел од ова тело, ССМ е активен учесник во постапките за имплементација на Истанбулската конвенција за спречување на насилство врз жените и семејно насилство ратификувана од нашата држава. Промовирајќи ја родовата еднаквост на сите полиња вклучително и во работните односи сметаме дека ќе се придонесе за искоренување на родово базираното насилство кое особено негативно се одразува и ги руинира семејните односи, но и општествените односи во целина.

К.В.С.

 

Слични содржини