Девет училишта по меил вчера добија дојава за лажна бомба, МВР информираше дека е уапсено еден лице во врска со заканите, но денеска тоа лице беше ослободено по распитот извршен од страна на полицијата и Јавното Обвинителство.
Екс разузнавачот Александар Диневски во разговор за „Локално“, вели дека оваа зачестена појава загрижува, појаснувајќи дека МВР успешно се справува во ситуацијата.
-Зачестените дојави за подметната бомба во скопските училишта за среќа се покажаа како лажни, но нивната зачестеност загрижува. МВР постапува стандардно за вакви случаеви – празнење на објектите од луѓе, контрадиверзиона проверка на објектот и оневозможување пристап на лица се’ додека не заврши проверката. Засега тоа го прави успешно иако овој ангажман е повеќекратно зголемен последните денови. Вториот правец на делување е откривање на сторителот (или сторителите) односно анонимните дојавувачи за подметната бомба. На овој план клучна улога треба да одигра одделот за компјутерски криминал во МВР каде претпоставувам дека работаат доволно едуциирани истражувачи за откривање на изворот на овие дојави. Навистина интернеттот овозможува прикривање на анонимниот испраќач на маил пораките (сервер, ИП адреса, локација), но во исто време постојат и голем арсенал на специјализирани сајтови и „алатки“ за демаскирање и откривање на основните податоци за маил адресата од која се испраќани анонимните пораки што би довело до откривање на вистинските сторители, појаснува Диневски.
На прашањето дали можно е оваа субверзивна војна да продолжи и да се прелее во други институции, екс разузнавачот вели дека во овој момент не знаеме за што точно се работи и дека нема потреба да се даваат тврди оценки за тоа дали се работи за субверзивна војна или нешто друго „се додека не се открие анонимниот испраќач на мејловите“.
-Точно е дека во т.н. специјална или хибридна војна оваа појава (анонимни јавувања со заканувачка содржина) често се користи како средство за предизвикување на состојба на страв и несигурност кај граѓаните, недоверба во институциите на системот или други политички и субврезивни цели. Но, во исто време има голем број примери во светот каде ваквите анонимни јавувања со заканувачка содржина се последица на лични интереси или психолошки проблеми и фрустрации на поединци. Затоа, се’ додека не се откријат сторителите не можеме да даваме квалификации за оваа непријатна и загрижувачка појава.Инаку, не е никаква пречка истата да се „прелее“ и за други институции во земјата иако засега на удар се само училиштата на ист начин како што оваа појава се прелеа од Хрватска,Србија, БиХ и Косово во Македонија, подвлекува тој.
Диневски појанува дека во овој момент не би требало да се поврзуваат заканите со бомбите со актуелните политички настани во земјава додека не се расчисти случајот.
-Впрочем, не гледам мотив што би се постигнало со оваа појава на политички план освен очигледната загриженост и вознемиреност на сите граѓани, вели тој.
Поранешниот разузнавач смета дека министерството за внатрешни работи засега успешно се справува со првиот сегмент на стандардната постапка во вакви случаеви – обезбедување и контрадиверзиона заштита.
-Исто така сметам дека луѓето кои се ангажирани за спроведување на најтешкиот дел – контрадиверзиона заштита се доволно соодветно едуцирани за постапување во вакви случаеви. МВР на Македонија има долга и добра традиција на овој план. Зголемениот ангажман во последниот период навистина може да има негативен одраз врз ефектот на нивната сложена и опасна работа заради што е потребно МВР да преземе пошироки мерки и активности за превенирање на негативните состојби. Сличн е состојбата и со делот за физичко обезбедување на објктите додека се врши контрадиверзионата заштита. И покрај се’ МВР има капацитет и сили да се справи со овие актуелни предизвици, подвлекува тој.
Диневски е на мислење дека сегашните случувања со бомбите треба да бидата индикатор за да се размисли за висината на казната за сторителите и нарачателите, „но и за евентуално издвојување на овие појави во посебно кривично дело“.
-Според досегашната пракса, сторителите на овие инкриминирани постапки се гонат според чл. 366 од КЗ на РМ за кривично дело „Лажно пријавување“ за кое е предвидена казна до 3 години затвор. Оваа актуелна појава можеби е добар индикатор дека треба да се размисли и за висината на казната, но и за евентуално издвојување на овие појави во посебно кривично дело со оглед на фактот што истите предизвикуваат посериозни последици и кај повеќе лица истовремено, вели екс разузнавачот.
Б.М.