Луксузниот бренд Диор е обвинет за расизам на кинеските социјални мрежи поради реклама во која азиска манекенка го крева аголот на окото со прстот.
Француската куќа ја објави сликата на својот Инстаграм профил претходно оваа недела, пред брзо да ја отстрани, објави Би-Би-Си.
Диор во оваа прилика не даде јавни изјави.
Кинеските корисници на интернет се сè почувствителни на прикажувањето на Кинезите во услови на растечки националистички чувства на интернет.
This is the @Dior ad! #marketing #ads #promotion #digitalmarketing #china #makeup pic.twitter.com/gJcLVDfGoz
— Dor Cornelio🏆 (@DorCornelio) April 13, 2023
Контроверзната слика беше објавена пред шест дена за промоција на новата колекција на шминки на Диор.
Сликата подоцна беше повторно објавена на кинеските платформи за социјални медиуми, каде беше критикувана и објавен вирален хаштаг „Реклама за шминка на Диор обвинета за дискриминација на Азијците“ на Веибо.
Бесни коментари го преплавија Инстаграм профилот на оваа француска куќа, а најмногу лајкови доби коментарот „Тоа е расна дискриминација“.
Кинескиот државен весник „Глобал тајмс“ објави уреднички текст во кој го повикува брендот да се извини.
„Повлекувањето на очите наназад… го исмева изгледот на Азијците, особено на источните Азијци“, пишува весникот, додавајќи дека се надева дека Диор ќе се соочи со своите грешки, ќе упати искрено извинување, ќе одговори на азиското општество и ќе даде јасни изјави за тоа како да се спречат слични проблеми да не се појават во иднина.