Унгарија ќе протера двајца украински дипломати, кои според официјален Будимпешта, се вмешани во шпионски активности против унгарските интереси. Ова го соопшти министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Одлуката доаѓа кратко по објавата на украинската Служба за безбедност (СБУ), која тврди дека открила унгарска шпионска мрежа активна на украинска територија, особено во Закарпатскиот регион. Според Киев, двајца агенти се веќе уапсени, а СБУ тврди дека мрежата собирала информации за воената безбедност, слабостите на копнената и воздушната одбрана на регионот, како и за социо-политичките ставови на локалното население – особено во контекст на можно влегување на унгарски трупи.
Сијарто, говорејќи за медиумите, изјави дека двајцата украински дипломати работеле во амбасадата на Украина во Будимпешта под дипломатска покритие, а дека решението за нивно протерување веќе му било предадено на украинскиот амбасадор.
„Најновата кампања против Унгарците има иста цел како и претходните. Ние, Унгарците, сакаме мир, велиме не на војната. Никогаш не сме испорачале оружје на Украина и нема да го сториме тоа. Не сме дозволиле, ниту ќе дозволиме, да бидеме вовлечени во оваа војна“, изјави Сијарто, според унгарскиот портал Telex.hu.
Тој ја нарече информацијата за уапсени наводни унгарски агенти „антиунгарска пропаганда“ и додаде дека унгарската влада сè уште не добила официјални информации за случајот од украинска страна.
Според СБУ, унгарската шпионска мрежа наводно била предводена од офицер на унгарската воена разузнавачка служба, чие име не е објавено.
На случајот реагираше и најгласниот претставник на унгарската опозиција, Петер Маѓар, кој го повика премиерот Виктор Орбан да излезе со официјален став. „Постојат две можни опции. Првата е Виктор Орбан веродостојно да ги побие тврдењата на Украинците. Подобро е дури и да не се размислува за втората“, изјави Маѓар.
Во Закарпатскиот регион, каде што се фокусирала наводната шпионска активност, живее значително унгарско малцинство. Според пописот од 2001 година, таму живееле над 156.000 Унгарци.