Дипломатскиот клуб изразува сериозна загриженост за политичката криза во која се наоѓа Република Македонија, а која до изострени граници ја еродира позицијата на државата во меѓународен план.
Донесената одлука на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на
бројни јавни и политички личности, не само што не помогна за надминување –
туку напротив – ја продлабочува и ја заострува кризата. Таа одлука претставува чин со кој се суспендира владеењето на правото и правниот поредок во македонското општество, предизвикувајќи крајно сериозни негативни последици по угледот на државата во меѓународната јавност.
Воедно, со употребената реторика во јавните настапи, претседателот Иванов недвосмислено и јасно зазема страна во оваа криза. Од друга страна, неговиот однос кон акредитираните странски претставници, претставува непосредна опасност за рушење на основните надворешно политички и стратешки определби на нашата земја. Артикулираната паланечка филозофија „никој, па ни САД и ЕУ, не смее да ни се меша“, е повеќепати чуена на просторите во нашиот регион. Резултатите од нејзината примена по правило предизвикуваа кризи и меѓународна изолација.
Посебно свртуваме внимание на фактот дека со оваа одлука се прекршува неотуѓивото право на вистина, а со почитување на тоа право се спречува да се повторат прекршувањата на човековите права и се обезбедува правдата. За таа цел, сметаме дека е неопходно Претседателот да обрне внимание на Принципите за заштита и промоција на човековите права преку акција за борба против неказнивоста (документ бр.CN.4/2005/102/Add.1) на Комисијата за човекови права на Обединетите нации од 8 февруари 2005 година. Овие Принципи се насочени токму против состојбите во земји каде нема традиција на владеење на правото, корупцијата на највисоко ниво, судскиот систем е слаб или дури и самиот дел од институционалниот распад, а специјалните параполициски сили или уживаат имунитет или се целосно неодговорни.
Оттука, противејќи се на таквото несоодветно и неодговорно однесување, на формално најповиканиот во раководењето со надворешните работи на државата и нејзиното претставување, членовите на Дипломатскиот клуб, кои се и биле директно вклучени во меѓународното етаблирање на македонската држава, повикуваат претстедателот Иванов да ја преиспита и повлече одлуката за инкриминираното помилување. Во спротивно, ќе мора да се носи со последиците.
