Холандија нареди протерување на двајца руски дипломати осомничени за шпионирање на високотехнолошкиот сектор, објави државната агенција за разузнавање АИВД.
Еден од дипломатите, вработен во руската агенција за надворешно разузнавање СВР, „шпионирал технологија и научни области“, соопшти АИВД.
„Руската разузнавачка агенција разви контакти со луѓе кои имаат пристап до чувствителни информации од високотехнолошкиот сектор“, се додава во соопштението, пренесува Ројтерс.
„Интересот на руското разузнавање беше да добие што е можно повеќе информации за вештачката интелигенција, полупроводниците и нанотехнологијата. Голем дел од овие технологии имаат и цивилна и воена употреба“.
Во 2018 година, Холандија спречи обид на руските разузнавачи да ја хакираат Организацијата за забрана на хемиско оружје во Хаг.