Директорот на ФБИ „го батали“ Маск и им порача на вработените да го игнорираат неговото барање

од Nikola Popovski
101 прегледи

Илон Маск, шефот на Одделот за владина ефикасност (DOGE) на администрацијата на Доналд Трамп, вчера се закани дека ќе го отпушти секој федерален работник кој нема да објасни каква работа спровел во текот на претходната недела.

„Сите федерални вработени наскоро ќе добијат е-пошта со барање да објаснат што направиле минатата недела. Секое неодговарање ќе се смета за оставка“, објави Маск на „X“.

Од саботата вечерта, мејловите се испратени до вработените во федералните агенции, вклучувајќи го Бирото за финансиска заштита на потрошувачите, Националната управа за океани и атмосфера, Центрите за контрола и превенција на болести и други. Од вработените се бара да дадат одговори во пет точки, во кои се сумирани „што постигнале на работа минатата недела“.

Крајниот рок за одговор е до понеделник до 23:59 часот.

Како што пренесува „Гардијан“, новиот шеф на ФБИ, Каш Пател, им рекол на своите вработени дека можат слободно да го игнорираат барањето на Маск. Разузнавачката агенција побарала дополнителни насоки од Министерството за правда.

„Персоналот на ФБИ можеби добил е-пошта од Канцеларијата за управување со персоналот со барање информации. ФБИ е одговорен за преглед на сите наши работни процеси и ќе врши анализи во согласност со процедурите на ФБИ. Кога и доколку се потребни дополнителни информации, ќе ги координираме одговорите. Ве молиме засега не одговарајте на мејлот“, се вели во пораката на Пател.

Нејасно е каква правна основа има Маск да ги отпушти федералните работници доколку тие не одговорат на неговото барање.

Слични содржини