Цитирајќи извадоци од книгата „1984“, Антонио Димитров, директорот на КИЦ-Скопје кој доаѓа од „Левица“ пишува дека не знаел дали во Украина има војна или тоа било само во медиумите.
– Во „1984“ имаше константна војна „таму некаде на границата“ и никој не знае дали стварно се случува или е пропаганда. Битно е популацијата да се држи во постојана тензија и закана со војна. Е па тоа, не знаеме дали има стварно војна или медиумите само пумпаат атмосфера, пишува Димитров на Фејсбук.
Дали на овој начин Димитров ги негира злосторствата што се случуваат во Украина по руската инвазија?
Неодамна лидерот на партијата, Димитар Апасиев на средбата со рускиот амбасадор во земјава Баздникин, се огради од „контроверзните дејствија на македонската дипломатија“ и потсети дека „нецивилизираните антируски чекори“ кои ги презема македонската влада „воопшто не ја изразува волјата на мнозинството македонски граѓани“.
Ги осуди и, според него, непотребните санкции кои земјава, наводно, под притисок на ЕУ и НАТО, ги вовела спрема Руската Федерација.