Директорот на Samsung нема да оди во затвор: Тој ѝ се извини на компанијата

од Stefanija Kuzmanovska
255 прегледи

Директорот на Samsung Electronics, една од најголемите технолошки компании во светот, нема да оди во затвор, јавува Си-Ен-Ен. Ли Јае Јонг беше обвинет за манипулација со акции и измама поврзани со контроверзното спојување на компаниите во 2015 година. Ослободителната пресуда е огромно олеснување за Ли, кој со години е во правни проблеми.

Минатата година, јужнокорејските државни обвинители побараа петгодишна казна за Ли за наводно надувување на цената на акциите на текстилната компанија Cheil Industries и намалување на вредноста на градежната и инженерската компанија Samsung C&T пред спојувањето. Тие тврдеа дека спојувањето му овозможило на Ли да има поголемо влијание врз Samsung Electronics, чиј извршен директор е токму тој.

Адвокатите на Ли негираа какви било неправилности и нагласија дека спојувањето на компаниите му овозможило на конгломератот да стане постабилен.

Главниот судија од Сеул, Парк Јунг-Јае, рече дека нема доволно докази за да се докаже дека Samsung намерно предизвикал загуби на Samsung C&T и неговите акционери. Се уште не е јасно дали обвинителите ќе се жалат на пресудата, што изненади многу адвокати.

„Ова е целосно шокантна пресуда“, рече Парк Сангин, професор по економија на Националниот универзитет во Сеул. Тој додаде дека одлуката ќе доведе до пад на довербата на странските инвеститори.

За време на последното судење, Ли им се извини на компанијата и на акционерите за проблемите кои им ги направил.

„Верувам дека е неопходно да се дејствува однапред, и покрај непредвидливата иднина. Затоа го спроведов спојувањето на компаниите. Барам можност да му помогнам на Samsung да стане врвна компанија во иднина и ќе ги фокусирам сите мои можности да се оди напред“, навел тој.

Во 2017 година, Ли беше осуден за поткуп и други форми на корупција. Тој беше осуден на 5 години затвор, но таму помина помалку од една година. Пресудата беше суспендирана по апелациониот суд. Тој повторно беше осуден во 2021 година, овој пат на две и пол години за поткуп и проневера. Истата година беше пуштен на условен отпуст.

Samsung, инаку, го загуби статусот на најголем продавач на мобилни уреди. Таа титула ја презеде Apple.

Слични содржини