Тековната верзија на легендарниот модел на Volkswagen Golf со мотор со внатрешно согорување најверојатно ќе биде последна бидејќи пазарите ќе се префрлат кон електрични возила, најави извршниот директор на автомобилскиот гигант, Томас Шефер.
Осмата верзија на овој ултрапопуларен компактен автомобил следната година ќе добие уште една надградба што треба да ја задржи привлечна за купувачите во втората половина на оваа деценија, рече Шефер во интервју за Automobilwoche објавено во неделата, цитирано од Блумберг.
„Доколку светот се развива сосема поинаку од очекуваното до 2026 или 2027 година, тогаш можеме повторно да лансираме сосема ново возило. Но, јас не верувам во тоа“, рече Шефер. „Засега тоа не е предвидено“, додаде тој.
Golf првпат беше претставен во 1974 година и со години беше еден од најпродаваните автомобили на овој најголем европски производител на автомобили. Сепак, побарувачката за хечбек е намалена бидејќи купувачите се повеќе се одлучуваат за попространи теренци.
VW додаде електричен „брат“ на Golf, ID.3, пред околу три години. Шефер вели дека VW би можел да размисли за електричен Golf со новата технологија веќе во 2028 година, но тоа возило треба да има некои клучни карактеристики што го разликуваат од ID.3.