223
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на маргините на Минхенската Безбедносна Конференција оствари билатерална средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка (RCC), Мајлинда Брегу.
Заеднички се оцени дека зајакнувањето на регионалната соработка е пат кон динамична европска интеграција на земјите од Западен Балкан. Се посочи дека во изминатите неколку години, се направија значителни постигнувања, што не се ни претпоставуваше дека е можно да се случат. Тоа се: регион со нула такси за роаминг, признавање на академски и професионални квалификации, слободно патување со лични карти низ регионот, како видливи резултати што го олеснуваат функционирањето на граѓаните.
Овие заеднички чекори на државите од Западен Балкан, како што се оцени, се одраз на политичката волја на прогресивните политички раководства за реализација на иницијативата за заеднички регионален пазар, како чекор кон поголемата заедничка цел, приклучувањето кон Единствениот европски пазар.