Џафери прв премиер Албанец: „Ништо нема да ѝ се случи на земјата, Македонија не е количка што можеш да ја преселиш во друга држава“

од Nikola Popovski
505 прегледи

Талат Џафери седна во премиерската фотелја на Илинденска. За 100 – те дена мандат до изборите рече дека Уставот и законите ќе бидат основа за секоја владина одлука. Порача дека со министрите ќе ги направат сите предуслови изборите да бидат фер и демократски. Приоритет е стандардот на граѓаните, рече Џафери и најави унапредување на стратешкото партнерство со ЕУ, НАТО и САД.

За славењето на ДУИ и членовите на партијата по изборот на Џафери за премиер, дел од аналитичарите сметаат дека партијата сака да им возврати на критичарите и скептиците кои велеа дека ветувањето било нереално за остварување. Според политичкиот аналитичар и поранешен член на Комисијата за лустрација, Даут Даути, ова е и во духот на едно политичко остварување кое беше незамисливо порано, затоа и изјавите на претставниците на ДУИ имаат за цел барем малку да го капитализираат овој исчекор, кој од друга страна пак, е и добро и за легитимирање на Македонија како демократска и нормална земја, каде се надминуваат некои клишеа.

Даут Даути

Аналитичарот сепак, не знае дали во иднина повторно може да имаме премиер Албанец. Во разговор за „Локално“ вели дека некои решенија ги раѓаат одредени околности, така што ништо не е исклучено, бидејќи во праксата се надминува и едно друго клише: сега веќе не е неприфатливо како порано предизборна коалиција меѓу македонски и албански партии, па при договарање за поделба на функции, можни се секакви комбинаторики.

-Ако порано не можеше да се замисли спикер на парламентот Албанец, а се правеа и политички игри, без потреба,  потоа дојде еден политички момент кога тоа стана можно и дури и нормално. Да не заборавиме дека и во Социјалистичка Р.Македонија, една од главните функции тогаш, ѝ припаѓаше на немнозинската народност, во случајот, претседател на Собранието. Постарите генерации ќе ви потврдат за оваа со примерот на Вулнет Старова. Така што, ништо не е исклучено, истакнува Даути.

Според него, техничката влада не може да се третира како нешто непознато, бидејќи е само продолжување на востановената практика од порано како политички договор и модел за регуларни избори. Даути не гледа зошто Џафери не би ја водел оваа техничка влада уште кон едни успешни избори, особено ако во неа учествува и ВМРО-ДПМНЕ.

-Треба да почекаме уште малку за да видиме дали оваа владина коалиција ќе биде и предизборна, бидејќи сеуште самите партии не расчистиле со своите стратегии и дилеми, но и да биде вака, со уште понекоја помала партија како приврзок, не би ја нарекол „франкештајн коалиција“, туку една од можните коалиции, каде што партиите ги поврзува некој заеднички интерес, а тоа е успешен настап на изборите и повеќе ќар одошто да се оди поединечно. Освен ова, тие партии од порано си имаат дефинирано политичка цел да ја водат земјата во ЕУ, што нивното предизборно здружување би ја правело и програмски.

Сметам дека повеќе шанси има формирање коалиција на владеачките партии одошто македонско-албанска коалиција на опозициските партии, со оглед на горкото искуство на Алијанса на Албанците и Движењето Беса, кога на локалните избори им се преполови гласачкото тело споредено со парламентарните претходно заради коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, партија која кај Албанците сеуште се гледа со сомнежи, заклучува соговорникот.

Новинарот Дритон Зенку смета дека еуфоријата на ДУИ од една страна и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ од друга, само ги покажуваат фрустрациите што постојат меѓу политичарите. Тој во разговор за „Локално“ посочува дека едната страна демонстрира победа, а другата капитулација.

Дритон Зенку

-Знаете кој е премиер на Велика Британија? Риши Сунак, имигрант со индиско потекло. Во Црна Гора, една од поранешните сојузни држави во која учествуваше и Македонија, речиси една година се водеше од Дритан Абазовиќ. Што стана со Црна Гора, дали стана Албанија? Не, Црна Гора остана независна држава. Тоа што ме радува, свеста на општеството. Политичарите се расправаат, но народот не го сфаќа именувањето на Талат Џафер за премиер како нешто трагично или триумфално. Не видовме насилни сцени или протести како во 2017 година во Собранието, објаснува Зенку.

Наведува дека разумноста на народот ја засени битката меѓу политичките партии.

-Премиерот Џафери седум години беше претседател на Собранието. Не беше нарушена безбедноста и суверенитетот на државата, напротив државата влезе во НАТО. Беше претседател на парламентот, а сега премиер. Ништо нема да ѝ се случи на Северна Македонија ако и утре една од трите главни позиции во државата ја заземе Албанец. Македонија не е количка што можеш да ја преселиш во друга држава. Смиреноста на луѓето ме прави оптимист дека општеството во Северна Македонија ги надминува фрустрациите од конфликтното минато. Раководителите на институциите нека бидат во служба на народот и државата, без разлика дали се Македонци, Албанци или Турци. Речиси три децении колку што државата ја воделе македонски премиери, мислам дека не е направено најдоброто за Македонија. Условот не треба да биде етничка припадност, дециден е соговорникот.

За наративот на техничката влада, Зенку посочува дека концептот претставува недоверба меѓу партиите кои се натпреваруваат на изборите.

-За таа цел се создава рамнотежа на силите. Се земаат министрства од опозицијата каде се мисли дека може да се влијае на електоратот. Двојните потписи претставуваат недоверба меѓу страните. Без потпис на помошник министерот, одлуката на министерот не претставува правен основ. Освен политичка игра, ништо повеќе не може да се очекува од влада на недоверба меѓу партиите, анализира тој.

Оттаму додава дека разликите меѓу партиите во текничката влада ќе бидат очигледни.

-Министрите ќе водат кампања со наративот на партијата од која доаѓаат. Организирањето избори е вообичаена задача која не бара многу посветеност. Ќе има само техничко – логистички интервенции. Министрите ќе имаат толку малку обврски што ќе имаат многу време да ги извршуваат политичките агенди што им ги даваат партиите што ги претставуваат, оценува Зенку.

Н.П.

Слични содржини