Џил Бајден: Крунисувањето на кралот Чарлс III беше неверојатно

од Nikola Popovski

Првата дама на САД, Џил Бајден, која ги претставуваше Соединетите Американски Државо на денешното крунисување на британскиот крал Чарлс Трети, изјави дека „имаше таква убавина во раскошот на церемонијата“ и дека е „просто неверојатно да се види тоа“.

„Не можете да го замислите тој момент кога всушност ја гледате круната како се става на главата на кралот, а потоа на главата на кралицата“, рече таа за време на телефонското интервју за АП по церемонијата во Лондон.

Бајден истакна дека е навистина надреално да се види и доживее тој момент.

Ниту еден американски претседател никогаш не присуствувал на крунисувањето на британскиот монарх, а претседателот Џозеф Бајден побара од првата дама да ги претставува САД на негово место.

Белата куќа соопшти дека појавувањето на Џил Бајден е првпат американска прва дама да присуствува на британското крунисување.

На патувањето била придружувана од една од нејзините внуки Финеган Бајден (23).

„Чест ми е што го претставувам народот на Соединетите Американски Држави и сакав да бидам овде“, изјави Џил Бајден.

Рекла дека многу и значело тоа што може да ја донесе Финеган, да патуваат заедно, да го искусат заедно и дека тоа многу им значело на двете.

Првата дама на САД зборуваше за американската агенција додека таа и нејзината внука отидоа на попладневен чај по крунисувањето во Вестминстерската опатија.

Слични содржини