По најавената ревизија и наводите за неконтролирано трошење на екс-вицепремиерот Артан Груби со средства од Министерството за односи со заедниците, новиот министер Иван Стоилковиќ очекува ад-хок ревизијата на Министерството за финансии да ги покаже резултатите, иако откри дека има најави за сериозни прекршувања на правила и процедури при трошењето на државните пари.
Стоилковиќ за ова ќе ја информира Владата на затворена седница и согласно заклучоците, ќе ги достават наводите до надлежните институции.
Министерот информира и дека имало злоупотреба со џипот марка „бмв“ во сопственост на Министерството. Според него, возилото е пронајдено во лоша состојба во еден од сервисите во кој се вршела порано поправката на возилата на Министерството.
-Не сакаме да го подигнеме бидејќи бараме записници, а нема такви за тоа како е предадено. Сведоците велат дека е предаден во нормална состојба, а сега ако ви ги покажам сликите ќе бидете изненадени за тоа што се случил со џипот кој што вреди 50-60 илјади евра. Не можам да утврдам за што бил користен, меѓутоа јавноста ќе ги види сликите и ќе проценува како може еден сериозно скап автомобил од Министерството да биде оставен на милост и немилост на сервис. Извадени се вратите и делови од него…, рече Стоилковиќ во изјава за медиумите, опишувајќи го џипот во моментов како „очерупена кокош“.
Тој додаде дека возилото било оставено кај сервисерот и не е подигнато, при што од автомеханичарската работилница ваделе делови од него за нивните приватни потреби.
Стоилковиќ неодамна обвини дека за време на мандатот на неговиот претходник биле потрошени преку 20 илјади евра за угостителски услуги во ќебапчилниците „Пчела“ и „Далма кетеринг“. Стоилковиќ ги откри овие информации во подкаст, оценувајќи ги како „фрапантни злоупотреби“.