Американскиот конгресмен Џорџ Сантос најави дека ќе се бори против обвиненијата за измама, перење пари и кражба на јавни средства и ги отфрли повиците да поднесе оставка поради лажењето во својата биографија.
„Тоа е лов на вештерки“, рече во средата републиканскиот член на Претставничкиот дом на САД, набргу откако се појави на суд во Централ Ислип, Њујорк, за да се соочи со федералните обвиненија, повторувајќи го тврдењето кое често го изнесува поранешниот претседател Доналд Трамп, пренесе „Ројтерс“.
Сантос изјави и дека ќе се бори „против ловот на вештерки“ и дека со нетрпение ја очекува таа борба во која ќе се погрижи да го одбрани „своето име“.
Тој беше ослободен со кауција од 500.000 долари и треба повторно да се појави на суд на 30 јуни.
Тоа значи дека тој може да се врати во Вашингтон и да гласа во Конгресот.
Како услов за неговото ослободување, тој се согласил да го предаде пасошот и да му биде ограничено патувањето.
Обвинението од 13 точки го товари Сантос (34) за измама на политички поддржувачи користејќи донации за плаќање лични трошоци и незаконски примање бенефиции за невработеност додека бил вработен.
Тој, исто така, е обвинет за давање лажни изјави за неговиот имот и приходи во Претставничкиот дом.