На денешната 81 седница државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови.
Од ДКСК до Владата ќе достават и иницијатива за утврдување одговорност на овие лица, а до УЈП за извршување надзор на сите субјекти од областа на спортот во поглед на користење на средствата преку т.н. ваучер систем во периодот од 2020, 21 и 22 година.
Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.
Исто така, според ДКСК, постои сомневање дека претседателот и членовите на централната комисија во 2020, 21 и 22 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата кои имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека тие не се против доделување средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање.