ДКСК: Дипломатскиот пасош е право, одењето на работа со велосипед е популизам

од Nikola Popovski
126 прегледи

Дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цел, велат членовите на Антикорупицската комисија преку соопштение, кое е реакција на сознанијата и критиките во јавноста дека антикорупционерите побрзале да добијат дипломатски пасоши, а барале и службени возила, нешта кои никогаш не ги побараа нивните претходници.

Антикорупционерите велат дека ова право им го дозволува Законот за патни исправи на државјани на Република Северна Македонија во членот 11 каде се наведува дека „дипломатски пасош се издава на избрани и именувани лица, раководни државни службеници и раководни работници во државните органи“ итн.

Тоа што претходниот состав на ДКСК штедел пари на граѓаните, според сегашните антикорупционери, е популизам. Сметаат дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам, со што се напаѓа претходниот состав на комисијата.

„Дополнително поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство“, стои во реакцијата.

Антикорупционерите ги негираат и информациите дека побарале доделување на службени автомобили.

„ДКСК како институција има потреба од службени возила и за истите ќе се бара соодветно решение, но потенцираме ниту се побарани, ниту ќе бидат барани одделни возила за членовите на ДКСК“, велат од Комисијата.

На крајот, истакнуваат дека ДКСК транспарентно ќе ја извршува својата работа и во секое време им стои на располагање на медиумите за повеќе информации. Oттука, целосна дезинформација е веста дека сме побарале нови возила за секој член на Комисијата. Тоа би било спротивно со самата функција на секој член на Комисијата. Очигледно на некој му пречи објективното и законското постапување на ДКСК, штом упорно сака да ја дефокусира јавноста со пласирање неточни информации.

Инаку, претходниот состав на Антикорупциската комисија го укина користењето службени автомобили.

Првиот човек на ДКСК, Татјана Димитровска се правда дека дипломатскиот пасош и следува затоа што била функционер избран од Собранието, а таквите функционери имаат легитимно право да ги побараат ваквите привилегии.

„Побарани се дипломатски пасоши за членовите на Комисијата, но засега само јас, како претседателка, го имам добиено. За другите членови нема ни одговор дали ќе добијат дипломатски пасош. Легитимно право е на секој член да си побара, а институцијата ќе цени дали им следува“, изјави таа.

Според неа, нема дилема дека на членовите на Антикорупциска им следуваат дипломатски пасоши, бидејќи тие не се користат за приватни цели, туку за службени патувања на настани во други држави.

Од МНР велат дека на членовите на ДКСК не им следуваат дипломатски пасоши, а дека претседателката го добила по проценка на претходниот министер Бујар Османи.

Слични содржини