Приоритетни сектори се јавните набавки и вработувањето во јавниот сектор, додека најмногу мерки и активности се насочени во секторите здравство, образование и инспекциски служби. До крајот на 2021 година предвидено е да започнат 31 процент од вкупно планираните актовности во стратегијата, информираше на денешната прес-конфернеција Државната комисија за спречување на корупција.
Ризични сектори, детектирани и опфатени во стратегијата што Собранието ја усвои на 18 април годинава, се и политичкиот систем, правосудството, трудот и социјалната политика, економијата и бизнисот, јавните претпријатија, медиумите и граѓанското општество.
Директорката на ДКСК, Билјана Ивановска, информираше дека првпат во Собранието се разговарало за ваква Национална стратегија и тоа на две собраниски комисии – за политички систем и законодавно-правната и на тридневна пленарна седница.
– Сите дискутанти и од власта и од опозицијата се согласија дека расправаат за добро подготвен документ, во кој многу реално се детектирани ризичните фактори, области и сектори и на ДКСК и дадоа целосна поддршка за спроведување на Стратегијата, изјави Ивановска.
Откако Собранието ќе ги објави заклучоците, Ивановска посочи дека Комисијата ќе ги има предвид сите идеи и сугестии од пратениците во натамошното ревидирање на Стратегијата.