Во продолжението од 41. седница, ДКСК, продолжи и денес да ги разгледува предметите кои идентично како и вчера во голем дел се однесуваат на вработувања, судски спорови, сомнително стекнат имот и слично.
И денес, на седницата, Државната комисија за антикорупција голем дел од предметите ги отфрли како неосновани, бидејќи како што велат веќе постапувале други институции по истите.
Во рамки на редовните проверки за пријава на имотната состојба на функионерите во Државната комисија за спречување на корупција дали на време се доставуваат изјавите од анкетните листови, односно до 30 дена од престанувањето на функција или назначување, членот на Комисијата Софка Пејовска Дојчиновска констатирала дека двајца пратеници не поднеле анкетен лист.
Се работи за Неџмедин Келменди и Борис Змејковски кои требале да достават анкетен лист во рок од 30 дена по престанок на функцијата која ја извршувале. Поради тоа против нив е поднесена прекршочна постапка, а за тоа е поднесен и платен налог за сторен прекршок. ДКСК на ова се надоврза и посочи дека ќе ги проверува и останатите поранешни пратеници дали доставиле анкетни листови, со оглед на тоа дека може да се случи да ја платат казната, а ниту потоа да не достават документација за имотната состојба.
Комисијата апелираше до граѓаните кои поднесуваат пријава до ДКСК да дадат барем минимум појаснувања за наводната корупција со што антикорупционерите би можеле да постапуваат по предметот.