На денешната седница закажана на Државната комисија за антикорупција, членовите заклучија дека комисијата има во изобилие постапки од граѓани кои спасот го бараат по незадоволство од судски постапки, спорови, денационализации и слично, поконкретно врзано за незадоволството од институциите.
На денешната седница беа разгледани повеќе предмети, но за истите, комисијата се прогласи за ненадлежна или ќе отфрли предметите како неосновани, бидејќи како што велат, биле предмети по кои веќе постапувале други институции.
Претседателката на антикорупциска, Билјана Ивановска, истакна дека е потребна транспарентност на институциите, со цел граѓаните да можат да ги остварат своите права.
„За жал ние како комисија не можеме да излеземе во пресрет на ваквите предмети, меѓутоа како што минатиот пат одржавме прес-конференција за директорите, за појават, така правиме сублимат и за некои други предмети кои се чест случај“, истакна Ивановска.
ДКСК на денешната седница ја отфрли како неоснована пријавата од загрижен граѓанин од Кавадарци поради немање конкретни наводи, бидејќи во пријавата до ДКСК лицето собрало листа на имиња од лица во партии кои наводно влијаеле на вработувања на блиски лица во одредени институции без да наведе конкретни имиња на лица и институции.
ДКСК отвори исто така прекршочна постапка според член 56 против директорот на ЈП од Делчево, кој не ја известил ДКСК за вработување на блиско лице – ќерка во општина.
Инаку, комисијата својата 41. седница ќе ја продолжи утре бидејќи има се уште постапки кои треба да бидат разгледани.