ДКСК: Техничка грешка е тоа што во биографијата на Ристовска стои дека магистерските студии се тековни на Факултетот за туризам

од Nikola Popovski
353 прегледи

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека нејзината членка, Цвета Ристовска нема две позиции во јавниот живот. Според ДКСК, Ристовска дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ – Економскиот Факултет во Скопје во 1991 година, а магистрирала на Универзитетот за туризам и менаџмент- економски науки, во 2011 година.

-Тоа што на веб-страната на ДКСК во делот на нејзината биографија стои дека магистерските студии се тековни е техничка грешка. Доколку медиумот се обратеше до нас или го контактираше членот на ДКСК Цвета Ристовска, како што налагаат новинарските стандарди и етика, истото ќе беше појаснето. Не е точен наводот дека мобилниот службен телефонскиот број на Цвета Ристовска исклучува и не постои. Медиумот воопшто не го контактираше членот Цвета Ристовска на нејзиниот мобилен службен телефонски број, како втор извор на информации, како што налагаат професионалните стандарди, рекоа од ДКСК преку соопштение.

Оттаму додаваат дека сите членови на ДКСК во континуитет внимаваат на потенцијален судир на интереси и совршено добро ги познаваат одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и етичкиот кодекс на ДКСК.

-Членот на ДКСК нема било каква деловна врска со Универзитетот Скопје, како би дошло до судир на интереси со нејзиното постапување во конкретниот предмет, од причини што Универзитетот Скопје не е предмет на постапување пред ДКСК. Дополнително, Државниот просветен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на Универзитетот Скопје, заради проверка на наводите во пријавата против директорот на АНБ Бојан Христовски. По извршениот надзор, беше констатирано дека неговата диплома е во ред. Одлуката за г-динот Бојан Христовски е донесена едногласно. За каков потенцијален судир на интерес зборуваме, во услови кога надзорот е извршен од друг орган, децидни се од Антикорупциската комисија.

Синоќа Универзитетот за туризам и менаџмент ја отстрани сликата на Цвета Ристовска од списокот на наставниот кадар. Ристовска, која повеќе од десет месеци беше дел од наставниот кадар на универзитетот и истовремено член на ДКСК сега е тргната од веб-страницата.

Ваквото соопштение од ДКСК следува по наводите објавени од телевизија Телма, дека Ристовска врши две функции. Едната како антикорупционер, а другата како дел од наставниот кадар на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од кој диплома има Христовски. Предметот на завчерашната седница го реферираше Ристовска, која ѝ предложи на Комисијата, а таа едногласно прифати да го затвори предметот за Христовски. Со анонимната претставка до Антикорупциска беше оспорена факултетската диплома од Универзитетот Скопје на директорот Христовски, која тој ја пријавил за да ги исполни условите за функцијата.

Согласно образложението, од ДКСК побарале и им биле доставени податоци од надлежните институции во кои утврдиле дека заради апликација од страна на апликантот до Владата биле доставени уверение за државјанство, уверение за завршени студии за високо образование седми степен, одлука за одбрана на магистерски труд, уверение за испити положени од прв циклус, доказ за работно искуство, доказ за познавање на англиски јазик како и изјави во однос дека нема забрани за вршење професија, ниту привремена мерка за вршење дејност, како и да изјава дека не е член на политичка партија и дека не му е утврдено постоење судир на интереси.

Според ДКСК, сите доставени податоци биле во насока на исполнување на критериумите.

Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче скандалозно и недозволиво е да се донесе таква одлука дека се ненадлежни да проверуваат и утврдуваат автентичност на документите кои бараат експертиза надвор од нашите надлежности.

-Сите ги видовме дипломите на директорот на АНБ. Малите деца од основно училиште видоа дека факултет е завршен за една година. Недозволило е да помине таква одлука врз основа на некаква анализа направена на инспектори од ДПИ. Ја повикувам министерката за образование да не аминува одлука во која што факултет може да се заврши за една година. Нека се преиспита уште еднаш таа анализа на факултетот. Уште еднаш да се разгледуваат документите во ДКСК. Малите деца видоа какви се тие дипломи од тој факултет. Каква порака се испраќа? Под будно око сме. Не поминуваат такви работи. Како ќе им објасните сега на младите кои што учат и студираат, сега им кажувате дека некој може да помине со таква диплома за една година. Зошто таква брутална партизација и газење на интелектот во државата, рече Филипче.

Слични содржини