Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) започна антикорупциска проверка на законите со цел да идентификува и спречи потенцијални ризици од корупција при издавање дозволи, лиценци и надзор врз угостителските и други правни субјекти.
Според ДКСК, на проверка ќе бидат подложени Законот за угостителска дејност, Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор, Законот за локалната самоуправа, како и други материјални закони. Овој процес вклучува анализа на законските одредби за откривање на можности за злоупотреба, конфликт на интереси и недостаток на транспарентност.
Комисијата информира дека проверката на законите подразбира целосна и систематска проценка на правните прописи со цел идентификување на можности за злоупотреба, конфликт на интереси, нејаснотии и правни празнини кои би можеле да поттикнат коруптивни практики. Дополнително, ќе се направи темелна анализа и проценка на формата и содржината на прописите (закони, подзаконски акти и други општи акти) кои се во подготовка или веќе изготвени, од аспект на нивното практично спроведување, усогласеност и подобрување. Целта е да се детектираат, спречат и минимизираат ризиците од корупција и судир на интереси кои може да произлезат при нивната примена, стои во соопштението.
ДКСК ќе соработува со институциите и граѓанското општество за да обезбеди независност и објективност во анализата. Целиот процес ќе биде транспарентен, а извештаите и препораките ќе бидат јавно објавени и доставени до Владата и Собранието за понатамошно унапредување на законите.
„ДКСК ќе вклучи повеќе засегнати страни преку соработка со релевантни институции и граѓанското општество, што ќе обезбеди независност и објективност при анализата. Сите резултати ќе бидат јавно достапни, а целиот процес транспарентен. Извештаите и препораките ќе бидат доставени до Владата и Собранието со цел подобрување на законите и спречување на коруптивни активности. Укажуваме дека ДКСК, како одговорна институција за антикорупциската проверка на легислативата, особено за законите во фаза на изготвување, мора да биде во постојан контакт со надлежните министерства кои доставуваат предлози за усвојување закони и изготвуваат нацрт-закони. Дополнително, треба навремено да биде информирана за можни иницијативи за нова законска регулатива или измени на постојните закони од други овластени предлагачи“, стои во соопштението.