До 14 часот регистрирани над 20 пожари

од Milan1
9 прегледи

До 14 часот денеска, во земјава се регистрирани над 20 пожари на отворен простор, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Најкритична е состојбата на планината Готен, на тромеѓето меѓу општините Радовиш, Берово и Василево, каде што од утринските часови се ангажирани седум возила „пинц гауер“, две градежни машини за правење противпожарни пресеки, четири возила на ЈП „Национални шуми“, четири противпожарни возила и два ер трактора. На терен делуваат над 180 лица од различни служби.

Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, тежок и сериозен пожар е активен и на планината Плачковица, на непристапен терен, каде што пожарот е подметнат рано утрината. И покрај напорите на штипските пожарникари и мештаните од околните села, огнот се шири и не е ставен под контрола.

Во општина Прилеп, кај селото Дрен, активен е уште еден тежок шумски пожар каде дејствуваат локални противпожарни сили со специјализирана опрема.

Во Македонски Брод, кај селата Грешница и Црешнево, во гаснењето се вклучени едно возило „пинц гауер“ и 30 припадници на Армијата, како и локални пожарникари и екипи на „Национални шуми“.

Во општина Штип, над селата Селци и Драгоево, се ангажирани два „пинц гауера“, неколку противпожарни возила, 15 пожарникари, осум лица од ЈП „Национални шуми“ и најмалку 12 лица од локалното население, со дополнителни сили кои се приклучуваат на терен.

Ангелов предупреди дека сериозна противпожарна состојба владее и во регионот, особено во Турција и Грција, но и во Албанија, Србија, Хрватска и Словенија. Тој објасни дека ангажирањето на ЕУ механизмот за помош е ограничено поради тоа што земјите кои во минатото испраќале ресурси сега се погодени од сопствени пожари и не можат да пружат поддршка.

Слични содржини